Заев бара истрага и вонредни контроли за случајот, а резултатите треба да бидат готови за 14 дена. Се спремаат решенија за забрана за работа за неколку компании.
Аферата со увозот на отпадно масло во земјава ги крена надлежните инстутиции на нозе. Владата задолжи неколку институции да го истражат случајот поврзан со сомневања за увозот на нафтени деривати опасни по здравјето на граѓаните и животната средина и да спроведат вонредни контроли. Резултатите треба да бидат соопштени за 14 дена.
„Вината треба да се гледа како влегол мазут, нафта, бензин во државата и тука треба да се утврдат одговорностите. Досега е утврдено дека сулфурот не е проблем, тоа е во рамките на параметрите, но проблем е поголемото количество на вода кое е дојдено до некои четири проценти и поголемо количество пепел во самите количини“, рече денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на пратеничко прашање од Зоран Јанчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Забрана за работа
Се изготвуваат решенија за забрана на вршење на дејност на две или три компании во кои не е најдено вишок на сулфур, но е најдено вишок на вода заради кондензација и пепел што е надвор од стандардите.