Три приватни лаборатории во време на пандемија ги дуплирале приходите, објави финансискиот веб магазин „Пари“.
„Ако вкупните приходи на сите три компании во 2018 година изнесувале 4,2 милиони евра, а во 2019 таквата сума се искачила на ниво од 4.6 милиони евра, за во 2020 година да се генерираат вкупни приходи од 9,8 милиони евра“, пишува во анализата на „Пари“.
Податоците се однесуваат само на трите приватни лаборатории: „Авицена“, „Биотек“ и „Синлаб“.
Поединечно, најголем успех минатата година евидентиран е кај компанијата „Авицена“, која успеала да оствари најголем приход во конкуренцијата. Порастот во апсолутна бројка изнесува 2,3 милиони евра, споредено со 2019 и 2020 година, додека процентуалниот пораст на приходи изнесува 105%.
„Биотек“ го бележи најголемиот процентуален пораст на приходи во 2020 година од неверојатни 435 отсто.
„Во 2019 година ‘Синлаб’ имаше 1,3 милиони евра поголеми приходи од ’Биотек‘, но ковид-19 беше иницијалната каписла за во 2020 година работите сосема да се променат. Минатата година ’Биотек‘ ги надмина приходите на ’Синлаб‘ за 325 илјади евра, иако и ’Синлаб‘ генерираше пораст од 32%“, пишува „Пари“.
Вкупниот број на вработени во овие 3 компании во 2019 година изнесувал 150, додека во 2020 таa бројка се искачила на 168.