Судирот меѓу СПЦ и МПЦ трае над 50 години и вселенскиот патријарх сака да посредува. Но за суштинско надминување на спорот потребни се и други посредници, сугерира германската фондација „Конрад Аденауер“.

„Црковен спор како наследство на социјалистичка држава- тоа можеби звучи изненадувачки”. Судирот меѓу Српската православна црква и Македонската православна црква „меѓутоа, не е резултат на пропаѓањето на Југославија. Тој се појави кон крајот на 1960-те години и е дел од наследството на СФРЈ и Социјалистичка Република Македонија”.

Тоа е воведот во анализата која за германската фондација „Конрад Аденауер“ – блиска до владејачката ЦДУ – ја состави д-р Отмар Еринг, координатор на Фондацијата за меѓународен религиски дијалог.

„СФРЈ – бабица на раѓањето на МПЦ”

Авторот прво ја наведува историската позадина – од доделувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во 1019 година па до нејзиното укинување во 1767, влијанието на Бугарската православна црква во текот на 19 век и потпаѓањето на територијата на денешна Северна Македонија „вредна два милиони златни франци” по Првата светска војна под надлежност на СПЦ, врз основа на томосот кој во 1920 година го издава Вселенската патријаршија.

Во текот на Втората светска војна територијата уште еднаш паѓа под бугарска власт, а потоа на власт во Југославија, а со тоа и во Македонија, доаѓаат комунистите. Нивниот однос кон православната црква авторот детално го опишува низ поглавјата кои носат наслови како „Формирање на нацијата и желба за самостојна православна црква” или „Социјалистичка Југославија како бабица на раѓањето на МПЦ”.

Во 1967-ма, на двестегодишнината од укинувањето на автокефалноста, Охридската архиепископија прогласува автокефалност. Српската православна црква тоа не го признава и тој раскол трае до денес.

ПРЕТХОДНА ВЕСТЌе знаеме за кратко кога точно ќе пристигнат вакцините во нашата земја
СЛЕДНА ВЕСТБиткоинот скокна за 24 проценти за 24 часа