Побарувачката за готовина е зголемена во Германија во пандемиската 2020 година и покрај широкиот спектар на опции за плаќање, покажа истражувањето на централната банка.

Вкупната вредност на издадените банкноти во 2020 година пораснала за 9,5 проценти, објави во неделата Бундесбанк.

Тие исто така забележуваат дека побарувачката нагло скокнала на почетокот на пандемијата, во март.

„Претпоставувам дека луѓето во пандемијата собирале готовина затоа што ги мачеше неизвесноста, но и затоа што немаа прилики да ги потрошат парите“, рече претседателот на управата на Бундесбанк, Јоханес Берман.

Пандемијата предизвика голема неизвесност, нагласи Берман.

„Сè уште не е можно да се процени кога и како овој тренд ќе се нормализира во услови на пад на бројот на случаите и олеснување на ограничувањата“, додаде официјалниот претставник на Бундесбанк.

„Забележуваме дека готовинските депозити повторно растат во филијалите на банките и дека луѓето сè повеќе подигаат пари“, забележува тој.

Бундесбанк проценува дека 40 проценти од побарувачката е генерирана од желбата на граѓаните да ја чуваат готовината дома, а можна причина за растот, велат тие, е обидот на граѓаните да избегнат негативни каматни стапки на заштедите.

Комерцијалните банки во еврозоната плаќаат негативни каматни стапки од 0,5 проценти на депозити во Европската централна банка (ЕЦБ) и многу од нив сè повеќе го префрлаат тој трошок не само на компаниите, туку и на граѓаните, забележува ДПА.

Студија на институтот ЕХИ покажа дека Германците ги смениле режимите на плаќање во 2020 година.

„Кризата го забрза падот на продажбата со готовинско плаќања во стационарната малопродажба за најмалку три години. Добитници во кризата се несомнено картичките и онлајн бизнисите, што значително порасна“, изјави автор на студијата на институтот Хорст Рутер.

Од друга страна, Бундесбанк посочува дека Германците сè уште претпочитаат да плаќаат во готово, чиј удел во трансакциите изнесува 60 проценти, и така треба да остане и по пандемијата и во блиска иднина, проценуваат тие.

ПРЕТХОДНА ВЕСТВо 2020 смртноста зголемена за 26 отсто во однос на 2019
СЛЕДНА ВЕСТВладата утре ќе носи одлука за намалување на ДДВ на струјата и за еколошката такса