Без свежи пари и конкретни инвестиции, македонската економија тешко ќе исплива од должничкиот вител. Експертите се загрижени и бараат итно да се реагира.
Македонската економија покажува знаци на опоравување но темпото е далеку од задоволително. Статистиката денеска треба да ги објави податоците за растот на бруто домашниот производ во првиот квартал од годинава кои според проценките не се очекува да бидат поволни. И да има раст, што ретко кој од упатените го очекува, тој би бил незначителен и далеку од потребниот за опоравување на економијата која се` уште е под силен удар на пандемијата. Во услови кога продолжената рецесија чука на врата, а јавниот долг забрзано расте дилемите се како економијата да се извлече од калта во која е потоната.
Власта зборува за интервентен план за инвестиции во вредност од над осум милијарди евра во наредните шест години. Со него планира економијата да застане на нозе и да биде конкурентна, граѓаните да добијат повисок стандард, а стапките на економски раст да влијаат на намалување на јавниот долг кој расте и допрва ќе расте. Во моментов е позициониран на 7,1 милијарда евра или 62,5% од бруто домашниот производ, со проекција дека во 2022 ќе достигне дури 65,9% од БДП.
Да се обезбедат свежи пари
Владиниот план содржи повеќе капитални проекти, главно инфраструктурни и енергетски. Но проблемот е што тој е се` уште на хартија, односно допрва треба да почне со реализација. Експертите сугерираат дека не смее да се губи време и бараат итно да се реагира. Клучно е да се обезбедат свежи пари и брзи инвестиции за економијата да може да застане на нозе:
„Ако во текот на годинава не покажеме финансиско закрепнување, не покажеме момент дека во економијата влегуваат инвестиции но и свежи пари мислам дека нема да одиме со очекуваниот и проектиран развој кој го сакаме сите, без разлика на политичките опции. Клучно е во моментов да се гради една таква економска политика. Веројатно и политиките на власта, кои што сега се најавуваат, имаат за цел да ги остварат овие амбиции, меѓутоа искуството досега покажува дека треба да бидеме многу внимателни, особено во контекст на тоа дека не се реализирани економските политики за кои што се залагаше оваа влада во ниту една сфера. Оттука ветувањата треба да ги видиме на дело. Затоа имам одредена резерва и во однос на реализација на идеите кои мора да се развиваат во насока на итно финансиско заздравување на економијата, со финансии, инвестиции, домашни и надворешни. Мора во следниве месеци под итно да се работи да се зголеми капацитетот на македонската економија“, изјави за Дојче веле универзитетскиот професор Лазар Јовевски.