Вакциналниот сертификат од септември се размислува да биде задолжителен за сите граѓани што ќе сакаат да влезат на настан на затворено. Ова вчера го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој повторно апелираше граѓаните да се вакцинираат во што поголем број.

Вакцинацијата никаде во светот не е задолжителна, за жал. Има алтернативни решенија, да се присуствува на настани со масовно присуство само со таков сертификат, како на пример во кината, на културните настани. И тоа е нешто што може да го препорачаме од есенските месеци. Во јули и август ќе ставиме акцент на зголемување на опфатот на вакцинацијата – истакна министерот.

Во меѓувреме, во тек е теренската вакцинација која се одвива без закажување термин во здравствените домови ширум земјата. Меѓутоа, расте и бројот на заразени граѓани со коронавирусот, особено во Тетово, каде што поради непочитување на мерката за носење маска на затворено, се заразиле две семејства што одбиваат да ги дадат контактите, со што епидемијата се заканува да ескалира во овој град. Долгогодишниот епидемиолог и поранешен директор на ЦЈЗ Скопје, доктор Александар Стојанов, за „Слободен печат“ вели дека поведението да се кријат контактите не е ново, но е закана за да ескалира бројот на новозаразени од ковид-19.

– Станува збор за луѓе што знаат дека имаат ковид-19, ама функционираат како да се здрави луѓе, зашто немаат симптоми и ја шират болеста. Кога би ги знаеле кои се и кои се нивните контакти, би ги ставиле во 14-дневна изолација којашто тие не сакаат да ја поминат, затоа што мислат дека се здрави. Така би се прекинал синџирот на ширење, тоа е идејата. Уште има луѓе на кои им е срам да кажат дека се болни. Велат дека добро се чувствуваат и не гледаат причина да седат дома – посочува д-р Стојанов.

Според него, има услови набрзо да букне пандемијата.

Мала вакцинација, мал опфат на луѓе, голем број луѓе што не почитуваат мерки. Условите се тие. Треба што повеќе луѓе да се вакцинираат и да се почитуваат мерките за заштита. Доволно е еден асимптоматски носител на ковид-19 да влезе во автобус или комбе, да се вози неколку часови и сите да се заразат. Тоа е ризикот со криењето на контактите – објаснува доктор Стојанов.

Во тетовската болница досега не е пријавен ниту еден граѓанин, ниту на преглед, ниту за хоспитализација од двата кластери што се пријавени во градот од семејните веселби.

– Во болницата немаме такви пациенти, ниту хоспитализирани ниту за преглед. Колку што знам се детектирани на брис во МАНУ. Кога биле анкетирани од службите за јавно здравје, не сакале да дадат квалитетни информации за тоа со кого биле во контакт. Ние од болницата немаме контакт со ковид-пациенти во моментов – изјави за „Слободен печат“ доктор Гзим Нуредини од тетовската болница.

Досега во земјава се вакцинирани 430 илјади граѓани, а од нив 250 илјади имаат примено две дози. Околу 85 проценти од здравствените работници се вакцинирани. Здравствените власти чекаат анализи за опфатот на вакцинација во училиштата и градинките, а доколку тој е задоволителен, се размислува за нормално функционирање на образованието од есен со физичко присуство.