Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе престојува во еднодневна работна посета на Република Словенија, по повод учеството на јубилејниот десетти состанок на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони.

Домаќин на состанокот којшто се одржува во Брдо кај Крањ, е претседателот на Република Словенија, Борут Пахор.

На состанокот, како што информираат од кабинетот на претседателот Пендаровски, ќе учествуваат претседателот на Република Албанија, Илир Мета, претседавачот и двајцата членови на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, Шефик Џаферовиќ и Жељко Комшиќ, претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, претседателот на Република Словенија, Борут Пахор, претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ.

По завршувањето на состанокот, предвидено е лидерите да усвојат финални заклучоци во однос на неколку клучни теми, како што се процесот на проширување на Европската Унија, справувањето со последиците од пандемијата на ковид-19, економското закрепнување на регионот на Западен Балкан и сл.

Во рамки на учеството на Процесот Брдо-Бриони, предвидено е претседателот Пендаровски да оствари повеќе билатерални средби со претседателите од регионот.