Бројот на новозаболени од Ковид-19 во државата е во благо опаѓање. Во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 62 случаја, од 2.557 тестирања. Во меѓувреме, продолжува процесот на имунизацијата. Почна вакцинација и на пациентите со дијализа и трансплантација, а надлежните порачуваат дека најлесен начин за вакцинирање е преку пријавување на веб-страницата „www.vakcinacija.mk“.
Термини за вакцинација добија сите граѓани над 40-годишна возраст од Скопје, кои до 30 април изразиле желба за вакцинирање преку веб-страницата на Министерството за здравство.
Како што соопшти вчера министерот за здравство, Венко Филипче следните денови и од останатите градови во земјава, термини за вакцинирање ќе добијат граѓаните над 40-годишна возраст, кои до крајот на април изразиле желба за вакцинирање преку оваа веб-страница.
Почна и вакцинација на пациентите кои се на дијализа, како и пациентите со трансплантација.
-Имунизацијата во државата се одвива со засилено темпо, најлесен начин да се вакцинирате е со пријавување на www.vakcinacija.mk, информираше вчера министерот за здравство, Венко Филипче.
Инаку, според извештајот на Министерството за здравство, во текот на вчерашниот ден беа регистрирани нови 62 случаја на заболени од Ковид-19. Починаа 14 лица, а оздравени се 245 пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 756.480 тестирања на Ковид-19.
Со ова, вкупната бројка на дијагностицирани од почетокот на пандемијата изнесува 154.698. Бројката на оздравени пациенти е 145.851, а на починати е 5.211. Има вкупно 3.636 активни случаи.
На инфективните одделенија низ болниците во државата и во Скопје се лекуваат вкупно 514 пациенти. Има околу 740 слободни кревети во ковид центрите.
Од Министерството посочија дека поради намален број на болни, затворени се дел од капацитетите наменети за ковид пациенти.