Ќе има ли уште една промашена сезона за охриѓани и охридските хотелиери? Најбројните странски туристи Холанѓаните и ова лето нема да дојдат во посакуваниот број како што доаѓаа традиционално пред пандемијата.

Холандскиот туроператор „Корендон“ преку кој на охридско-струшкото крајбрежје доаѓаа најголемиот број туристи од таа земја ги откажа аранжманите за летната туристичка сезона. Претходно слично постапија туроператори од Белгија, Турција и други земји поради што очекувањата за шпицот на сезоната се далеку поскромни од предвиденото.

Иако за 19 јули е најавено доаѓање на холандски туристи преку друг туроператор, бројот на гостите ќе биде минимален споредено со периодот пред корона кризата.

Во моментов од Полска има два чартер лета неделно, но по одлуката на тамошните власти за воведување на карантин при враќање дома состојбата се усложнува. Македонските туроператори сметаат дека сето ова е резултат на задоцнетата комуникација и координација на институциите со најзначајните туроператори од странство.

Шпицот на сезоната се очекува да почне на 15 јули и овој пат како и лани хотелиерите ќе се потпрат на домашните и туристите од соседните држави.

Но, неизвесноста со која се соочуваат охридските туристички работници оваа година ќе биде поголема поради тоа што голем број од домашните туристи кои минатата година поради корона кризата беа во Охрид сега ќе отпатуваат во странство. Голем дел веќе заминаа на грчките плажи.