Солидарноста е уставна категорија кога треба да ја платат помалите правни субјекти, а е неуставна кога треба да се вклучат оние со енормни заработки, вели Биљана Муратовска, генерален секретар на Асоцијација Макам-транс во интервју за Екомонист.мк. Таа порачува дека големите профитабилни компании, вклучувајќи ги банките и осигурителните компании кои имаа поддршка и помош 30 години треба да покажат емпатија и од средствата кои ги оствариле како екстра профити со години, дел да вратат во буџетот на државата.

Предупредивте на опасностите од зголемување на цената на акцизата организиравте и протест. Дадовте и предлог наместо да се зголеми акцизата да се воведе прогресивен данок. Дали добивте одговор од надлежните институции за вашиот предлог односно објаснување зошто нивното решение е подобро?

Во однос на Уредба за зголемување на акцизата ние превозниците најжестоко се спротивставивме, но не поддржаа скоро сите други комори и синдикати, освен предлагачот Стопанска комора на Р.Македонија кој преставуваат помал дел од стопанството ( олигарсите). За жал Владата прифати една мерка која во никој случај не може да се нарече „ антикризна мерка“ затоа што мерката е во спротивност на значењето на овие зборови. Генерално одговор на нашите барања нема, освен што на денот на одржување на протестот во кој учество зедоа над 200 возила пред неговиот почеток со брза пошта добивме допис од Министерство за финансии во кое уште еднаш ни ги пренесоа нивните веќе познати ставови. Нашето барање за воведување на прогресивен данок за сите стопански и нестопански дејности, при што 2 отсто би требало да платат оние кои оствариле во 2019 година добивка над 200.000.000,00 милиони денари, како замена на акцизата. Одговорот беше дека барањето е неуставно, иако веќе еднаш е применето во 2001 година, односно согласно член 39 став (1) и член 41 став (1) од Законот за данокот на добивка, надминати се роковите за доставување на Даночен биланс, што значи воведување на дополнително зголемување кај данокот на добивка би имало ретроактивно дејство, би било неповолно за даночните обврзници и со тоа би биле основ за поведување на постапка за оценување на уставност. Ова значи дека солидарноста е уставна категорија кога тоа ќе го платат микро, малите и средни правни субјекти од стопанството и населението, а не е уставна категорија ако во оваа солидарност се вклучат и големите правни субјекти кои остваруваат енормно високи добивки. Наводите дека ќе нема финансиски импликации благо речено се неаргументирани, затоа што во оваа мерка се анализира само потребата на владата да се полни буџетот, а не фактичката состојба на терен во услови на пандемија кога имаме намалување на активностите кај сите правни субјекти за 80 отсто, но и бизниси кои се под „клуч“. Поради тоа не е возможно превозниците да превезуваат и работат со полн капацитет и да го понесат товарот за доплата на акциза од 3 денари, односно населението кое има ограничени примања да може да го полни буџетот. Значи од една страна државата дава некој средства ( кои не може сите да ги користат), но во исто време преку акцизата прибира средства од најзагрозените.

Министерството за финансии ја објави анализата за донесување на одлуката за зголемување на акцизата. Дали со понудените аргументи ве уверија во исправноста на нивната одлука?

Прво и основно анализата покажува дека не се работи за анти-кризна мерка, туку за обезбедување на средства во буџетот и тоа од делот од стопанството и од населението, на кого им е најмногу потребна помош и поддршка, без да се направи соодветен ребаланс на буџетот, а платите на администрацијата остана недопрени. Помош и поддршка имаше и за ИВЗ и за МПЦ иако ни денар не уплаќаат од остварените приходи во буџетот. Значи акцизата е за да се сервисира сите овие трошоци кои остануваат исти.

Да се прават анализи а да не се побараат податоци од нас репрезентативна асоцијација во кој членуваат 1.500 ( 85,7%) трговски друштва од областа на превоз на стока, од асоцијација за превоз на патници е благо кажано непрофесионално, од една страна, а од друга страна параметрите кои се пресметани и милионите кои ќе се добијат од зголемената акциза се дел од нас самите, пари кои на сите ни се потребни за опстанок и заживување на деловната активност.

Листата на цени на дериватите кои ја презентираа по држави за да ни покажат дека кај нас, освен во Турција и две-три други држави, имаме најниски цени е благо кажано весела математика ( неспоредливи податоци) кога се работи за комерцијалните превози, затоа што во државите членки на ЕУ, Србија и други држави во Закон за акциза има одредба која значи враќање на дел од акциза и можност во реципроцитет тоа да се прави со секоја држава од каде се точи гориво исто како што е процедурата за поврат на ДДВ.

Ниската цена на горивото е всушност „ антикризна мерка“ која пандемијата ни ја даде заради стопирање на секакви активности на светско нив. Анализата која ја прават државите и го почитуваат превозот како основна алка за поврзување на стопанските дејности од сите држави, акцизата не ја користат како можност за собирање на средства во буџетот, туку напротив за превозниците се спроведуваат дополнителни антикризни мерки. Само за да не запре превозот бидејќи ако тоа се случи запира се во една држава, во Словенија на пример се доделуваат субвенции за возач како надомест за тешките услови за вршење на превоз во услови на пандемија, во март по 118 евра по возач; а во април 200 евра по возач.

Ги чувствувате ли веќе негативните ефекти од зголемувањата на акцизата?

Негативните ефекти од зголемената акциза се почувствуваа веднаш, затоа што анализата на негативните ефекти не се прави со споредба само на еден елемент (падната цена на горивото), туку на сите други елементи и услови кој ги имаме во период на светска здравствена и економска криза.

За март кога имаше речиси 20 работни денови, влијанието на кризата се мери од 10 до 20 отсто намален обем на работа зависно од видот на стоката која се превезува, без зголемена акциза. Во април сликата и состојбата на превозот е многу поинаква, затоа што има целосно блокирање на производните капацитети и магацини ширум Европа и во нашата држава. Согласно податоците од стопанските комори има намалена активност на целото стопанство за 80 отсто, што значи и намалена активност и на превозниците на стока. На возилата на кои им изминуваат регистрациите, се паркираат и не се активни ( мртов капитал); месец и половина сите кои работеа со превоз на стока од и за Турција, останаа блокирани и без никакви приходи; превозот се зголеми во однос на времето за кое се завршува превозна операција за 2, 3, 5 или 10 дена и повеќе, а се ангажира во просек 30 отсто од расположливиот возен парк. Цените на превозите паднаа на европско ниво под нормално ниво за покривање на трошоците на превозот, имаме и смртни случаи како последица на воспоставени конвои и штети од сообраќајни незгоди кои се резултат на замор и тешки услови за вршење на превозот. Колку и да е намалена цената на горивото не е доволна да ги покрие дополнителните давачки кои ги има превозникот, а не пак да плаќа и дополнителна акциза.

Транспортот е еден од најпогодените сектори во оваа здравствено-економска криза. Колкава штета до сега е настаната во овој сектор и кои се најголемите проблеми со кои се соочувате?

Рано е да се пресметаат штетите, но како и сите со исклучок на оние кои непречено работеа во овие тешки услови, благо кажано е огромна и допрва ќе се сумираат сите негативни елементи. Во гранката транспорт, одделот превозот во патниот сообраќај зазема најголемо место и согласно статистички податоци 96 отсто од стоката која се превезува во увоз и извоз се врши со товарни возила. Нашето стопанство е увозно ориентирано и зависи од работата на стопанството на државите од ЕУ и пошироко, што значи дека превозниците се соочуваат со огромен дефицит на стока за превоз и тоа не само за Македонија туку и за превози кои пред кризата ги извршуваа меѓу другите држави и ги нивелираа ефектите од ниските превозни цени кои постојат кај домашните корисници на стока. Времето за кое се завршуваа одредени превози се зголеми, а тоа значи и дополнителни средства за дневници на возачите, поголем број на возење со празно возило за да може да се најде превоз на стока, но има и враќање на празни возила од пократки дестинации во случаи кога предолго се чека на некој товар или не може воопшто да се пронајде.

Фактот дека превозните трговски друштва беа вброени во првиот сет на економски мерки на владата за најзагрозените дејности укажува на големото влијание на кризата во овој оддел од гранката транспорт.

Школски пример е дека генерално транспортот е прв кој го погодуваат: политички, економски, здравствени кризи, временски услови и фактот дека има изразен сезонски карактер на вршење на услугата. Транспортот е услуга и нема никакво добро / стока која може да ја чува на залиха, па во подобри услови истото да го продаде, напротив се случува и консумира во моментот, а сега се соочуваме со „мртов капитал“ кој стои неискористен и е паркиран ширум територијата на нашата држава.

Колку во вака тешки услови се од помош мерките за заштита на економијата кои ги донесе Владата?

Превозниците се како птицата феникс се раѓаат од пепел и им треба малку да се поддржат за да се опорават, но за жал од осамостојувањето па до денес се гледаат само како извор на средства и тоа или за приватни џебови или за буџетот на државата. Над 80 отсто од вработените во државата се вработени во микро, мали и средни трговски друштва (вклучувајќи ги и превозниците), трговци поединци – занаетчии. Тие се столб на целото кревко стопанство во мала и увозно ориентирана држава, а за разлика од нив оние големите профитабилни компании, вклучувајќи ги банките и осигурителните компании јасно е дека не им се потребни средства за поддршка затоа што таа поддршка и помош ја имале 30 години и затоа стасале на нивото на кое се денес. После толку години ред е да покажат емпатија и од средствата кој ги оствариле како екстра профити со години, дел да вратат во буџетот на државата, како би се помогнало на помалите и покревки правни субјекти кои работат и живеат од ден за ден, но за жал имаме сосема обратна слика во пракса.

Најголема критика дадовме на фактот што владата не донесе уредба со која на банките ќе им наложи за 2-3 месеци да ги замрзнат каматите и кредитите на правните субјекти и населението по примерот на сите оние банки и фондации кои ги замрзнаа каматите и кредитите во сиромашните држави за период од 1 година. Значи банките ќе заработат дополнителна камата на камата.

Исто така наместо сите средства од бескаматни кредити кои ги доби државата како помош и поддршка да се дистрибуираат до сите правни субјекти кои имаат потреба од финансиска инјекција во овој тежок период преку Банката за развој, се одлучија на приватните банки да им дадат дел од овие средства без да им наплатат камата, а банките за услугата ќе наплатуваат 1,5 отсто камата од корисниците на кредитот. Значи банките пак ќе заработат дополнителни средства и во услови на здравствена и економска криза.

Согласно мерките за затворање на одредени бизниси како и податоците за остварени добивки од 2019 година со одредување на одреден лимит ( пример : 2 до 2,5 милиони денари), требаше да бидат доволни за да се подели првиот сет на бескаматни кредити , а не да се оптоварат компаниите со едно брдо документи кои треба да ги обезбедат, а пред се за платени даноци и други давачки спрема УЈП. Овој проблем можеше да се надмине со клаузула во договорот дека ако не се платат давачките спрема УЈП, ќе се наплатуваат одредени пенали.

Фактот дека постојано има менување на условите во мерките, укажува дека во пракса не даваат соодветни резултати. Но затоа Уредбата за зголемената акциза е бетонирана и никаква критика не влијае на надлежните органи за да ја променат иако за неа имаше поддршка само од 1 отсто од стопанството.

Се најавува трет пакет на мерки, кои мерки сметате дека е неопходно ургентно преземат?

Во овој момент основно е да се најдат без каматни кредити, позајмици со како би се опслужило стопанството со свежи пари како финансиска инјекција за да се даде можност да се одржува дневна ликвидност и да се има средства за да се исплати минимална плата на сите вработени за да се намали отпуштање особено на дефицитарни кадри во кој спаѓаат и професионалните возачи. Поддршката треба да биде минимум четири месеци се со цел да не се дозволи целосно затворање на услужни и производни капацитети и да се даде шанса со заживувањето на стопанството во Европа да се одржува рамномерен чекор во постепеното враќање во нормала, од една страна, а од друга страна да се даде можност на сите повратници од странство да најдат вработување во државата и да останат и придонесуваат со својот труд во државата.

Како замена за предлогот за прогресивен данок, во ново барање кое го доставивме до Влада, Министерство за финансии и Министерство за транспорт и врски дадовме предлог да се зголеми месечната аконтација на сите стопански и нестопански дејности кои имаат искажано добивка по завршна сметка од 2019 година од 1,000.000,00 евра па и повеќе да плаќаат наместо 10 отсто, 12 отсто аконтација на данок на добивка до крајот на годината, а со завршна сметка или ќе им се признае како однапред платен данок или истиот ќе им се

врати како претплата ( согласно со закон). На овој начин ќе се обезбедат дополнителни парични средства од сите оние кои имаат средства и кои и покрај тешките услови работат профитабилно, од една страна, а од друга страна нема да ги изгубат средствата во понатамошниот период на заздравување на стопанството.

ПРЕТХОДНА ВЕСТБабовски: Субвенциите не се тресат од ракав, туку се даваат според строго контролирани правила
СЛЕДНА ВЕСТПроф. Снежана Костадиноска – Милошеска: Владините мерки за помош во кризата се кусорочни и несоодветно таргетитани