Македонија нема да ги почне преговорите за членство во ЕУ до крајот на оваа година за време на германското претседателство поради ветото од Бугарија, а тоа стана јасно по вчерашниот амбасадорски состанок во ЕУ во Брисел, на кој Бугарија повторила дека нема да даде зелено светло за Македонија на министерски состанок на 8 декември.
– Со оглед на ситуацијата можам да кажам дека нема многу надеж за меѓувладина конференција и отпочнување на преговорите со Северна Македонија оваа година поради ветото на Бугарија – изјавил дипломат од западна земја членка на ЕУ за МИА, а истото го потврдиле повеќе високи дипломати од други земји членки.
Амбасадорите на земјите членки вчера се состанаа за да ги разгледаат заклучоците што треба да бидат усвоени на 8 декември од страна на министрите за европски работи. Од заклучоците е отстранета опцијата за вклучување на датум за одржување на првите меѓувладини конференции со Албанија и Македонија поради ветото на Софија за Скопје. Датумите ќе бидат вклучени во самите преговарачки рамки кога тие ќе бидат усвоени.
Бугарија повторила дека нема да дозволи Македонија да ги почне преговорите, а според дипломатите, за Албанија ситуацијата е нејасна поради тоа што на земјата уште во претходните министерски заклучоци и беа наложени дополнителни услови. МИА јава и дека земјите кои се поддржувачи на проширувањето сметаат дека крајните заклучоци треба да бидат поспецифични, дури иако не се вклучи никаков датум за преговорите. Консултациите продолжуваат, а амбасадорите треба повторно да се состанат утре.