Во спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје и во останатите шест регионални пункта низ државата и вчера продолжи масовната вакцинација на населението, која, според Министерството за здравство се одвива непречено, а интересот за вакцинирање секојдневно се зголемува. Вакцина вчера прими премиерот Зоран Заев, а за денеска е најавено дека ќе се вакцинира и министерот за здравство Венко Филипче, кои постојано апелираат граѓаните да се пријават и да се вакцинираат.

-Вакцините се безбедни, проверени, тестирани и навистина колку побрзо заврши процесот на имунизација, толку побрзо ќе заврши борбата со овој невидлив непријател пандемијата од Ковид-19. Важно е масовно да се учествува во процесот за имунизација за да се промени целокупната слика на епидемијата во позитивна смисла и полека да го постигнеме колективниот имунитет, порача Заев, откако во СЦ Борис Трајковски ја прими првата доза од вакцината против Ковид-19 од кинескиот производител Синофарм.

Тој ги охрабри сите граѓани кои досега не се пријавиле за вакцинација на веб страницата вакцинација.мк, да го направат тоа што поскоро и со тоа, како што нагласи, да си го обезбедат единствениот ефикасен начин за заштита од коронавирусот.

Верува дека со дозите вакцини што пристигнаа минатата седмица, како и со сите договорени и потврдени количини што треба да пристигнат во претстојниот период, дека е можно до почетокот на летото да имаме висок процент население кое ќе биде вакцинирано, што ќе придонесе за целосно менување на сликата на епидемијата кај нас.

Кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо вчера при посетата на вакциналниот пункт во поликлиниката „Јане Сандански“ изрази задоволство што 200-те илјади дози вакцини од Синофарм КОВИД-19 што беа испорачани на крајот на април и се од помош на Северна Македонија за да изврши масовна вакцинација.

-Како што сме сведоци и премиерот Заев само што беше вакциниран со вакцината Синофарм, што е уште еден пример за пријателски односи меѓу Кина и Северна Македонија, демонстрирајќи ја целосната македонска доверба во кинеската вакцина која ја одразува добрата волја на Кина за активна поддршка на Северна Македонија во заедничка борба против епидемијата, изјави амбасадор Ѕуо.

ПРЕТХОДНА ВЕСТСредба Пендаровски – Мицкоски, една од темите и случајот „27 април“
СЛЕДНА ВЕСТМВР го одбележува 7 Мај – Денот на македонската полиција