Месеци наназад, речиси единственото нешто што го окупира македонскиот етер е политиката. Локални избори, кампања, прв круг, втор круг, (не)дадени оставки, ново мнозинство, (не)стабилна влада… Низата продолжува. Се’ друго е во втор план. Но, она што не смее да се занемари, па дури ни во најголемите политички турбуленции, е економската состојба на државата, која, за жал, е далеку од сјајна.
Од една страна слушаме надежни проекции за инвестиции и забрзан економски раст, навидум поткрепен и од буџетот за наредната година, а од другата страна граѓани и компании се на раб на егзистенција, со едвај средства за да преживеат и да ги платат сите даноци, такси и надоместоци кон државата.
Во еден момент предизборно намален јавен долг, за да во наредната, не изборна година истиот повторно се предвидува да порасне, без притоа никој да се дрзне да скрати од непродуктивните трошоци на државните институции, нефункционалната администрација која зема плата за да не доаѓа на работа или финансирањето на хонорарци и разни (не)владини организации. Дупката ќе ја затвораме со нов кредит, нов данок, нова казна, ама за обичните, големците секако не ги чепкаме.
И кога сме кај обичните, микро, мали и средни претпријатија, очигледно е потребно да ги потсетиме надлежните дека токму тие се 98% од сите компании и истите вработуваат дури 80% од сите вработени во реалниот сектор. Најчесто фамилијарни фирми, кои одбрале да останат во Македонија и да заработуваат сами за себе, без притоа да добијат никакви поволности како олигарсите или оние кои профитите си ги носат дома во државите од кои што потекнуваат. И наместо да ги поддржиме нив, наместо да го развиваме секој град и секое село, ние продолжуваме за домашните да бидеме маќеа.
Кога на сето ова ќе додадеме инфлација, енергетска криза и зголемување на минимална плата без притоа воопшто и да се спомне продуктивноста, во услови на алармантни 40% сива економија и долгогодишна правна и политичка несигурност, неизбежно е горкото чувство на безизлезност. Со години сме како во вртлог кој упорно не влече надолу во црна дупка без дно.
Упатувам јавен повик до локална и централната власт, сегашна или идна власт, старо или ново мнозинство: Време е! Резервна држава немаме! Државата е многу повеќе од само вашите позиции. Државата е народот, државата е здравство, образование, економија, социјала… Ако не знаете како, прашајте. Наместо со послушници, опкружете се со професионалци и практичари од секоја област и послушајте ги, имаат што да ви кажат. Зашто, џабе политика, ако нема економија. За да бидете водачи, треба да има што да водите.
И наместо да седиме и да кукаме, наместо исплашено да замолкнуваме, време е да и погледнеме на реалноста во очи и да побараме од избраниците она што заслужуваме: Достоинствен живот! Да одбереме да бидеме пиреј, да бидеме пркос кој со нетрпение ја очекува муграта. Нека биде светлина!
Автор: Александра Андреева