Пандемијата со корона вирусот што го зафати целиот свет, вклучително и регионот на Југоисточна Европа, односно Балканот, влијаеше на обемот на надворешно-трговската размена, покажува анализата на Anadolu Agency (AA).
Во некои земји се забележува пад на покриеноста на увозот со извоз, одредени земји ја искористија можноста и го зголемија извозот на штета на увозот, а во некои помалиот увоз придонесе за намалување на дефицитот во надворешната трговија.
Така, Словенија е единствената земја во регионот што остварила суфицит во надворешно-трговската размена, така што извозот во однос на увозот бил 105,6 проценти.
Со 76,4 проценти, Македонија е втора земја во регионот според покриеноста на увозот со извоз, Србија, иако забележа благ пад, има покриеност на увозот со извоз од 74,4 проценти, Хрватска 64,3 проценти, Босна и Херцеговина 62,20 проценти, а на последното место е Црна Гора со само 16,9 проценти.
Имено, во првите десет месеци од 2020 година, извозот на Словенија изнесуваше 27,3 милијарди евра, а увозот 25,9 милијарди евра. Извозот и увозот во тој период беа пониски отколку во истиот период во 2019 година, извозот за 3,2 проценти и увозот за 8,9 отсто.
Во првите десет месеци од 2020 година, надворешно-трговскиот суфицит изнесуваше 1,5 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз беше 105,6 проценти.
Во октомври 2020 година, Словенија извезе стока во вредност од 3,2 милијарди евра, а увезе за 2,9 милијарди евра. Во споредба со октомври 2019 година, вредноста на извозот се зголеми за 2,1 отсто, а вредноста на увозот се намали за 8,5 проценти. Вредноста на извозот во октомври 2020 година беше највисока во последните десет години, додека увозот, кој инаку зајакна во споредба со претходниот месец, сепак беше помал во споредба со октомври 2019 година, кога беше највисок во последните десет години.
Во октомври 2020 година суфицитот во надворешната трговија изнесуваше 0,2 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извоз беше 107,4 проценти. По ланскиот дефицит во октомври, Словенија повторно забележа вишок во октомври 2020 година, што беше и најголем во последните десет години.
Во првите десет месеци од минатата година извозот од Македонија изнесуваше 5.285.376.000 американски долари, додека увозот беше 6.921.008.000 долари. Така, покриеноста на увозот со извоз изнесуваше 76,4 отсто, пишува агенцијата.
Во првите единаесет месеци од минатата година во Србија биле извезени стоки во вредност од 17.584,5 милиони долари, што е намалување за 3,1 отсто во споредба со истиот период претходната година, а увезени се стоки во вредност од 23.643,1 милиони долари, што е за 2,2 проценти помалку отколку во истиот период минатата година.
Извозот на стоки, изразен во евра, имаше вредност од 15.474,4 милиони, што претставува пад од 4,4 проценти во споредба со истиот период во 2019 година. Увозот на стоки има вредност од 20.825,5 милиони, што претставува пад од 3,5 проценти во споредба со истиот период во 2019 година.
Дефицитот изнесува 6.058,6 милиони долари, што е мало зголемување од 0,2 проценти во споредба со истиот период во 2019 година. Изразено во евра, дефицитот изнесува 5.350,8 милиони, што претставува пад од 0,8 проценти во споредба со истиот период во 2019 година.
Покриеноста на увозот со извоз е 74,4 проценти и е пониска од опфатот во истиот период претодната година, кога беше 75 проценти.
Вкупниот извоз на Хрватска од јануари до септември 2020 година, според привремените податоци, изнесува 80,2 милијарди куни. Во исто време, увозот изнесува 126,5 милијарди куни. Дефицитот во надворешната трговија изнесува 46,3 милијарди куни.
Покриеноста на увозот со извоз од јануари до септември 2020 година беше 63,4 проценти.
Според првичните резултати, вкупниот извоз на Хрватска од јануари до октомври 2020 година изнесуваше 90,9 милијарди куни, додека увозот беше 141,5 милијарди куни. Надворешно-трговскиот дефицит изнесуваше 50,6 милијарди куни.
Покриеноста на увозот со извоз, според првите резултати, од јануари до октомври 2020 година изнесува 64,3 проценти.
Вкупниот дефицит во надворешната трговија на Босна и Херцеговина изнесуваше 5.808.140 конвертибилни марки за единаесет месеци минатата година.
Извезени се стоки во вредност од 9,558,926 KM, а увезени се за 15,367,066 KM. Со ова покриеност на увозот со извоз изнесуваше 62,20 проценти.
Според прелиминарните податоци, вкупната надворешно-трговска размена на Црна Гора за периодот јануари-ноември 2020 година изнесува 2.247,5 милиони евра, што укажува на пад од 18,5 проценти во споредба со истиот период во 2019 година.
Извозот на стоки имаше вредност од 324,2 милиони евра, а увозот 1.923,3 милиони евра. Во споредба со истиот период во 2019 година, извозот е помал за 13,2 проценти, а увозот понизок за 19,3 проценти. Покриеноста на увозот со извоз е 16,9 проценти и е поголема во споредба со истиот период во 2019 година кога изнесуваше 15,7 проценти.