Без ПЦР тест, потврда за вакцинација или тест за антитела, Македонците ќе можат оваа сезона да влезат единствено во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија. Само за лица кои пристигнуваат од Индија е задолжителен карантин од 14 дена.

Во Македонија може да влезе кое било домашно или странско физичко лице, освен оние кои пристигнуваат од Индија за кои е задолжителен карантин од 14 дена, додека Македонците не толку слободно ова лето ќе може да ги посетат омилените дестинации.

Владата на вчерашната редовна 72 седница донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица што доаѓаат од земјите од Африка задолжително се упатуваат во 14-дневен карантин.

– На седницата, Владата донесе Одлука за престанување на важноста на мерката со која сите домашни и странски физички лица, патници од земјите од Африканскиот континент и Федеративната Република Бразил, кои влегуваат на граничните премини на територијата на Република С Македонија, задолжително да се упатуваат во 14-дневна изолација (карантин) односно оваа мерка да продолжи да се применува само за странски физички лица патници од Република Индија – информира владината прес-служба.

Од Министерството за здравство за Плусинфо информираат дека во моментов нема други рестриктивни мерки за граѓаните кои влегуваат во нашата држава. Одлуки за евентуални нови рестриктивни мерки се носат согласно епидемиолошката ситуација во земјава и светот, додаваат од таму.

Во средината на мај, повеќето Македонци, како и секоја година започнуваат да размислуваат каде ќе го поминат летниот одмор, но поради пандемијата со ковид-19, влезот во некои од земјите кои во минатото беа омилени на нашите сограѓани нема да биде вообичаен како пред две години.

Без ПЦР тест, потврда за вакцинација или тест за антитела, Македонците ќе можат оваа сезона да влезат единствено во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и во Србија.

Но тоа не е така за една од најпосетуваните дестинации на нашите сограѓани. За влез на територијата на Грција задолжителен е сертификат за вакцинација или негативен ПЦР тест (не постар од 72 часа), но алтернативно може да се прикаже потврда за прележан ковид-19, како и задолжителниот ПФЛ документ кој се пополнува 24 часа пред влез во државата.

Овие правила за влез беа воведени минатата недела, а властите во Грција одлучија тие да бидат продолжени до 31 мај 2021 година.

Граничниот премин Евзони (Богородица) е единствениот кој е отворен за македонските граѓани со работно време од 7 до 23 часот по локално време, односно од 6 до 22 по македонско време.

– Засега добро се познати условите во одредени земји и се приспособуваме со секоја нивна промена. Очекуваме со воведувањето на „грин-пас“ од страна на ЕУ значително да се олесни патувањето, секако тоа ќе влијае и на нашата понуда. Во моментов поради тоа сме во исчекување за да знаеме што да правиме со аранжманите за Малта – вели Дончо Нацевски од „Арбо травел“.

Во моментов сите вакцинирани граѓани на Македонија не можат да одат во Турција, но се очекува наскоро ова да се промени, поради тоа што неодамна Турција постигна договор со Србија и граѓаните на овие две земји можат да патуваат со потврда за вакцинација. Но во моментов, влез во оваа земја е можен само со направен негативен тест за ПЦР не постар од 72 часа. Секако оние кои сакаат да летуваат во оваа земја задолжително мора да пополнат образец за влез кој е речиси идентичен како тој што е потребен за во Грција.

ПРЕТХОДНА ВЕСТСедум града имаат едноцифрен број на активни случаи на Ковид 19
СЛЕДНА ВЕСТБезос на 5 јули заминува од местото извршен директор на Амазон