Нема олабавување на рестриктивните мерки, кои се во сила за заштита од ковид-19, пред да поминат празниците, вели министерот за здравство Венко Филипче. Според него, логично е барањето на угостителите да им се врати работното време до 23 часот, но последниот збор за тоа, како што вели, ќе го има Комисијата за заразни болести.

„Ова скратување на времето, кое беше донесено минатиот месец, рековме дека ќе биде до 21 јануари кога практично завршуваат прославите и верските празници и тогаш по автоматизам се враќаат на работното време до 21 часот. Но, ќе го разгледаме барањето и за дополнителни два часа. Што и да важи како ослободување на мерките, секако ќе биде после 21 јануари“,

рече Филипче при денешната посета на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство-Скопје.

Дел од угостителите вчера излегоа со барање уште од следниот понеделник работното време да биде до 23 часот.

Владините рестриктивни мерки, меѓу кои беше и скратувањето на работното време на угостителските објекти до 18 часот, стапија во сила на 18 декември 2020 година. Нивната цел е да се спречи ширењето на ковид-19 и зголемувањето на бројот заболени за новогодишните и божиќните празници. Важноста на мерките престанува на 21 јануари.

 

ПРЕТХОДНА ВЕСТМакедонија со најмал трговски дефицит меѓу земјите од регионот
СЛЕДНА ВЕСТВладата го менува законот за јавни набавки