Граѓаните кои располагаат со готовина која не влезена во системот, ќе може да ги стават парите на сметки со плаќање на 10 отсто данок, или таквите пари да ги инвестираат во државна обврзница. Оваа можност вчера ја најави премиерот Зоран Заев, како една од повеќето мерки кои ќе бидат преземени во наредната година со цел да се зголеми економската активност во земјава. Тој не прецизира колку средства се очекува да се приберат на ваков начин.
„Пред да се донесе законот за потекло на имот за кој разговараме со Европската унија, ќе дадеме отворена можност за сите домашни физички лица кои што имаат готовински пари, а се надвор од системот, да ги стават на свои сметки со тоа што ќе платат 10 проценти данок и во рок од две години ќе треба да ги инвестираат парите – да си купат стан, куќа, возило, акции, или било што. Барем еднаш да ги инвестираат, а доколку не го сторат тоа ќе треба да платат уште 10 проценти“, рече Заев.
Втората опција, која што ја објасни премиерот, е ваквите пари да се инвестираат во бескаматна државна обврзница.
„Еве можност да го промовираме и тоа – во државната обврзница ќе можат да ги инвестираат своите готовински пари. Не парите од сметки, туку готовинските пари за државна обврзница и така да го помогнат растот и развојот во државата“, рече Заев, објаснувајќи дека допрва ќе се утврдува рочноста на обврзницата, дали ќе биде на 10 или на 15 години.
„На ваков начин ќе може да ги вложат своите пари во функција на економскиот раст и развој на државата, а обврзниците ќе можат да ги инкасираат секој пат со одредени дисконти“, додаде Заев.
Државната развојна обврзница беше спомената како новина во начинот на финансирање на буџетскиот дефицит кој наредната година ќе изнесува 4,9 отсто од БДП, или околу 530 милиони евра, од кои 275 милиони евра ќе се бараат на домашниот пазар.
Колку пари има во државата кои се надвор од системот е тешко да се процени. Премиерот Заев зборувајќи за мерките против сивата економија вчера рече дека даночната евазија според ММФ е околу 36 отсто, а според државните институции е 32- 33 отсто.
Тој рече дека борбата против сивата економија е голем мегдан, но е неопходен за навистина да имаме сериозен економски раст и развој.
Според податоците на Народната банка граѓаните во банките заклучно со септември 2020 година имале 278.469.000.000 денари, од нив денарски се 145.806.000.000 денари, а во странска валута 132.663.000.000 денари.
Кај корпоративниот сектор вкупните депозити изнесуваат 112.505.000.000 денари, од кои поголемиот дел се денарски во износ од 79.641.000.000 денари, а во странска валута 32.865.000.000 денари.
Директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, вчера изјави дека борбата против сивата економија не треба да се води само преку законот за регистрирање на готовинските плаќања, туку пред се преку законите за ДДВ, за данокот на добивка, данокот на личен доход…
„Секако, сметаме дека во 2021 ќе имаме засилени контроли во делот на потеклото на имот кај граѓаните согласно Законот за данок на личен доход“, рече Лукаревска за Топ тема на Телма.
Инаку, во изминатите десетина години во неколку наврати било актуелизирано прашањето за даночна амнестија. Под овој поим во стручната литература се подразбира ограничена временска можност за одредена група на даночни обврзници да платат одредена сума, во замена за прошка на даночен долг (вклучително камати и казни), поврзани со претходен даночен период и без страв од кривично гонење. Во некои случаи, законодавството наметнува построги казни за оние кои не ја искористиле можноста за даночна амнестија.