За денес е предвиден состанок на Комсијата за заразни болести каде се очекува да се анализира епидемиолошката слика и да се одлучи дали во Македонија ќе бидат воведени построги мерки како што се полициски час и каранти.

Здравствените власти веруваат дека мерките кои се на сила, воведени пред извесно време ќе почнат да даваат резултати. Очекуваат задолжителното носење маски на отворено, забраната за групирање на повеќе од четири лица во текот на целиот ден, како и работењето на кафулињата, рестораните и останатите угостителски објекти само до 21 часот да дадат резултати во однос на намалувањето на трансмисијата на вирусот.

Сепак, како што велат, Комисијата за заразни болести на денешниот редовен состанок, повторно ќе ја анализира епидемиолошката слика и евентуално ќе одлучува дали во Македонија се потребни построги рестриктивни мерки. Министерот за здравство Венко Филипче, во четвртокот изјави дека е потребно време барем од две недели, за да се видат извесни резултати од актуелните мерки. Тој сепак не ја исклучува можноста и за построги рестриктивни мерки.

-Комисијата ја следи епидемиолошката ситуација и доколку е потребно после викеднот ќе препорача дополнителни рестриктивни мерки, како целосно затворање на некои економски оператори и ограничување на движењето дали во текот на едно деноноќие, во попладневните часови или за време на викенд, изјави министерот Филипче во четвртокот.

Во последните 24 часа, како што соопштуваат од Министерството за здравство, во ковид центрите во Скопје се хоспитализрани 37 нови пациенти поради компликации од корона вирусот. Вкупно 42 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.