Вчера Министерството за здравство соопшти дека починале 40 лица како последица на компликации од ковид-19 во последните 24 часа. Црниот биланс е најлошиот од стартот на корона-кризата во земјава.

Согласно досегашните искуства, полните болници, недостатокот на кадар…, очекувано е дека и во наредните недели ќе има значаен број починати. Но, дел од бројките покажуваат дека земјава можеби се приближува или веќе е на „врвот“ на заразата.

Колку е застрашувачки растот на бројот на пациенти со ковид-19 во овој т.н. „есенски бран“ покажува графиконот подолу. Она што во јуни и јули се чинеше како огромен раст на бројот на новозаболени, од денешна перспектива изгледа минорно.

Во Македонија беа потребни пет месеци или 150 дена за да се достигне бројката од вкупно 10 000 потврдени инфекции на 26 јули 2020 година. Потоа, беа потребни двојно помалку, 75 дена, за следните 10 000 инфекции. Уште помалку време, само 22 дена во октомври, беа потребни за вкупниот број на заразени да порасне од 20 000 на 30 000. Последната цела 10 илјадарка, од 30 000 на 40 000 болни, се постигна за рекордно време од само 10 дена.

Според последните податоци од Министерството за здравство, тој рекорд се чини дека нема да биде урнат, но во најмала рака ќе биде израмнет. Односно, границата од 50 000 инфекции, најверојатно, ќе биде надмината утре или задутре, десет дена по надминувањето на прагот од 40 000 инфекции. Податокот значи дека ширењето на заразата продолжува со силно темпо, но барем во моментов, трансмисијата не продолжува прогресивно да се зголемува.

 

Благ пад на бројот на позитивни тестови

Дека земјава можеби се ближи кон врвот на заразата покажуваат и податоците за бројот на новозаразени на неделно ниво. Во последната недела за која има податоци (9-15 ноември), имало вкупно 7 376 новозаразени, што е рекорд од почетокот на епидемијата. Но, иако рекордна, таа бројка е само маргинално повисока од 7 286 случаи на ковид-19 во неделата од 2-8 ноември. Со други зборови, запрена е прогресијата на раст на бројот на новозаболени на неделно ниво.

 

Бидејќи на бројот на новооткриени случаи, секако, влијае бројот на тестови, го анализиравме и процентот на позитивни од вкупниот број тестови. Резултатот покажа дека ова е показател што во моментот бележи позитивен тренд. Имено, во последните седум дена (9-15 ноември) процентот на позитивни тестови е 35,2% што е пониско од просекот од 36,9% за неделата претходно (2-8 ноември). Споредбата со неделите претходно, сепак, покажува дека нема многу место за опуштање. Ситуацијата и натаму е крајно сериозна.

„Експлодира“ бројот на починати

Трендовите за бројот и процентот на новозаразени се само индикатор за она што следува. Отрезнувачкиот податок за тоа како стојат работите во моментот е најцрната статистика. Бројот на смртни случаи почнува да расте сега, откако претходните недели болниците се наполнија со пациенти со тешка клиничка слика.

Или, како што покажува графиконот подолу, во последните седум дена имало рекордни 189 смртни случаи како последица на компликации од ковид-19. Претходната недела (2-8 ноември) имало 131 смртен случај, а седмицата пред тоа (26 октомври-1 ноември) 91, што е двојно помалку од сега.

Кога бројот на починати ќе го достигне својот „врв“, засега е тешко да се претпостави. Но, доколку бројот на новозаразени на дневна основа продолжи да стагнира или да опаѓа, извесно е дека прво ќе следи пад на бројот на активни случаи. Со оглед на високиот број активни случаи во моментов (18 488), што е речиси 1% од населението или секој 100-ти жител на Македонија е позитивен, стагнацијата не може да се оценува за охрабрувачки развој. Но, како што покажаа и претходните „бранови“, таа е првиот чекор од раст кон пад на трансмисијата на вирусот.

ПРЕТХОДНА ВЕСТДенеска состанок на Комисијата за заразни болести- ќе се одлучува дали ќе се воведе полициски час или карантин
СЛЕДНА ВЕСТЈапонија излезе од рецесијата