izvori na energija

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимоски на денешното предавање на Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, посветено на енергетската независност, посочи дека инвестициите во енергетиката на секое поле се единствен начин за зајакнување и зголемување на енергетската независност.

На прашање на студентите како да се обезбеди базна енергија во состојба кога зелената енергија се форсира, а резервите со јаглен се трошат и сценариото со фосилни горива се напушта и дали нуклеарна централа е решение за енергетска независност на регионот, Бислимоски истакна дека како држава треба да се насочиме кон искористување на потенцијалите на обновливите извори на енергија, односно производството на електрична енергија од Сонце, ветер, вода.

-Во исто време треба да се спроведува енергетската транзиција од фосилни горива на природни енергенси, каков што е примерот со блоковите на РЕК Битола што ќе се адаптираат од јаглен на гас, и тоа е еден од клучните чекори што треба да се случат во иднина. Реализацијата на капиталниот енергетски проект ХЕЦ Чебрен ќе ја зголеми енергетската независност и ние мора да ги искористиме нашите потенцијали во овој сегмент. Друг аспект за кој треба да се зборува е како да се обезбеди базна енергија, затоа што резервите на јаглен се трошат и се при крај, а во ЕУ има сериозен тренд на затворање на термоелектрани, а на оние што се во функција ќе им се воведе давачка во однос на CO2, истакна Бислимоски.