pari

Минималната плата сè уште не е достоинствена и кога економските услови ќе бидат добри ќе работиме да ја зголемиме и до 18.000 денари, но сега не е моментот. Само пред три години минималната плата беше 8.500 денари во одредени сектори, а 9.000 во сите сектори. Денеска е 15.194 денари и тоа покажува дали имаме политичка волја да ја зголемиме или не, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

-Претендирам минималната плата да биде повисока од 60 отсто од просечната, но кога економијата ќе биде доволно продуктивна и ефикасна за да креира раст кој може тоа да си го дозволи. Минималната плата кај нас беше 40 отсто од просечната, а сега достигнавме до 53,4 отсто. Стремиме кон 60 отсто, но тоа се прави постепено. Во владината програма имаме кажано дека минималната плата ќе биде 18.000, а просечната плата 36.000 денари и тоа е точно тоа што сакаме да го постигнеме. Ќе одиме уште подалеку од тоа и ќе стигнеме на минимална плата од 20.000 денари кога нема да зборуваме за економска криза, рече вицепремиерот Битиќи во одговор на прашање пред почетокот на панел дискусијата „Пристап и креативни стратегии во креирањето на програми за вработување на младите“.

Вчера, потенцира, имавме историски момент во период на криза направивме исчекор и имаме  зголемување на минималната плата од 1,7 отсто.

-Јас сум поборник на консултации и изнаоѓање на консензус со сите чинители, вклучувајќи  ги и синдикатите, работодавачите и секој граѓанин, но мораме да сфатиме дека владеењето на правото почнува од нас самите. Не можеме  заради политички поени кога законот пропишува одредени критериуми да ги занемариме, нагласи Битиќи.

Посочи дека вчера со синдикатите имале различно гледање на еден од критериумите во Законот за минимална плата и посочи дека како Влада докажале оти имаат политичка волја за зголемување на минималната плата.

-Минималната плата се зголемува и според процентот на зголемен пораст на БДП, а светската терминологија и Државниот завод за статистика познава реален раст на БДП. Синдикатите ценат дека БДП може да биде  само позитивен, а ние тврдиме дека реалниот раст на БДП може да биде и позитивен и негативен. За жал ние минатата година  имавме негативна стапка на раст од -4,5 проценти и токму таму беше разликата на толкувањето, појасни Битиќи.

Синдикатите, како што рече, тврделе дека треба растот на БДП да се земе како единица, а не реалниот раст и токму таму, потенцира, се кршеа копјињата.

-Во нашата држава 10 отсто од работници или околу 75.000 земаат минимална плата. Минатата година кога беше најпотребно да се направат мерки се помогна на најзагрозените. Беа таргетирани и стопанството и граѓаните и во суштина се покажа дека ефектот на нашите мерки за справување со пандемијата направи да имаме помал пад за 4,2 отсто на БДП. Ако не беа мерките во 2020 година падот на БДП ќе беше – 8,7 отсто, а сега е – 4,5 отсто. Ќе продолжиме да ги следиме состојбите и ќе се заложиме економијата да може сама да генерира достоинствени примања и тоа го правиме конзистентно преку различни програми, потенцира Битиќи.

Вчера Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) соопшти дека на седницата на Економско – социјалниот совет (ЕСС), првпат, за потребата од усогласување на минималната плата, работодавачите и Владата со осум наспроти четири гласа ги надгласаа работниците за висината на износот на усогласување на минималната плата согласно Законот која се усогласува врз основа на една третина од порастот на просечно исплатената плата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на БДП за претходната година според податоците на Државниот завод за статистика.

Како што наведе ССМ, претставниците на Владата и работодавачите сметале дека реалниот пораст на БДП може да биде и во минус. Според нивните пресметки, поради тоа усогласувањето на минималната плата ќе биде пониско за 211,00 денари и ќе изнесува околу 15.190,00 денари.

ПРЕТХОДНА ВЕСТСеверна Македонија официјално се вклучува во проектот Александруполи
СЛЕДНА ВЕСТБислимоски: Да се насочиме кон потенцијалите на обновливите извори на енергија