inflation

Инфлацијата во македонската економија останува умерена, слично на очекувањата за движењата во Европската Унија, истакна гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска во емисијата „Економски магазин“ на телевизија Алсат.

– Една од клучните одлики на нашата економија е одржувањето ниска и стабилна инфлација веќе подолг период наназад, при што, во просек, инфлацијата во последните години изнесува околу 1 процент. Остварувањата минатата година и во првите два месеци од оваа година речиси во целост се во согласност со проекциите на Народната банка. Слично на очекувањата за движењата на цените во ЕУ – инфлацијата во македонската економија останува умерена. И најновите податоци и очекувања го потврдуваат одржувањето на ценовната стабилност, нагласи Ангеловска-Бежоска.

Осврнувајќи се на движењата на цените, гувернерка рече дека во глобални рамки, во овој период, цените на примарните производи се променливи и во нагорна и во надолна насока и дека засега, иако податоците и анализите упатуваат на нагорни поместувања, тоа не е на некое високо ниво.

– За нас, имајќи предвид дека ЕУ е најзначаен трговски партнер на нашата економија, особено е важно што ќе се случува со движењето на цените во ЕУ, каде што засега не се очекуваат позначителни промени, заради што ЕЦБ и продолжува со олабавената монетарна политика. Нагорното поместување на проекциите на ЕЦБ е умерено и причините главно се лоцираат кај цените на енергенсите и други фактори за коишто засега се смета дека имаат привремен карактер, посочи Ангеловска-Бежоска.

Според неа, исклучително важно е што централните банки на големите економии, засега, за следниот период, планираат да продолжат со олабавената монетарна политика, затоа што тоа е фактор што влијае врз случувањата на меѓународните финансиски пазари, кои имаат влијание и врз цените на кредитирањето во нашата економија.

– Колку се тие порелаксирани, толку за нас има поголем простор за водење полабава монетарна политика. Тоа е прв предуслов, а какви ќе бидат каматните стапки кај нас зависи и од девизниот потенцијал на нашата економија, што засега е на сосема соодветно ниво според сите последно расположливи податоци и секако од инфлацијата, којашто зависи покрај од надворешни, и од домашни фактори, пред сѐ од домашната побарувачка, рече Ангеловска-Бежоска.

ПРЕТХОДНА ВЕСТБислимоски: Да се насочиме кон потенцијалите на обновливите извори на енергија
СЛЕДНА ВЕСТПомалку чекање на граничните премини за Овластените економски оператори