Најмалку по 9.000 денари К-15 годинава ќе добијат вработените во јавната администрација. Од гранскиот синдикат УПОЗ информираат дека тоа е минималната сума што им следува на вработените со Гранскиот колективен договор, а оние кои имаат и колективен договор на ниво на работодавец, според предвиденото во него, ќе добијат и повеќе.
Со ребалансот на буџетот што го усвои Владата, како што информира премиерот Зоран Заев, за исплата на К-15 за јавната администрација се алоцирани дополнителни 230 милиони денари за сите опфатени со колективните договори.
-Имаше одложување на оваа мерка во 2020 година во исплатата за 2019, поради тоа што кога требаше да се исплаќа почна третиот бран на ковид-кризата и беше навистина несоодветно време кога приватниот сектор оди со рационализирање, дополнителниот додаток да не се исплати, рече тој.
Минатата година К-15 добија дел од вработените во јавниот сектор, додека за над 20.000 вработени немаше исплата. Претседателот на синдикатот на УПОЗ,Пецо Грујовски, за весникот ВЕЧЕР изјави дека се задоволни што Владата одвоиле средства за К-15 за годинава.
-Задоволни сме што конечно профункционира и почна да се почитува колективниот договор, изјави тој.
Инаку, Гранскиот колективен договор, со кој и јавната администрација доби право на регрес за годишен одмор, се однесува на вработените во органите на државната управа, стручните служби на Владата, судовите, јавните обвинителства, казненопоправните домови, државното правобранителство, општините, Градот Скопјеи неговите општини, агенциите, фондовите и другите органи основани од републичкото Собрание.
За разлика од вработените во јавната администрација, кои правото на регрес го имаат од лани, вработените во приватниот сектор тоа право го добија со Општиот колективен договор за стопанството во 2014 година.
Според Заев, јавната администрација сега брои 132 илјади лица, за разлика од пред четири-пет години кога биле 160 илјади. Со задолжителното пензионирање на 64 години што Собранието треба да го озакони, се очекува бројот на административците дополнително да се намали.