rpt

Додека растеме сите имаме желби за тоа што сакаме да бидеме кога ќе пораснеме. Од супер херои, преку наследници на професиите на мама или тато, одејќи кон една цел да се обезбеди егзистенција за нас и нашата фамилија по принципот на „Пристојна работа, за пристоен живот“.  Но, потоа се соочуваме со суровата реалност дека живееме во држава каде овие мечти секојдневно ни се погазуваат.

Години наназад сме во судир со извртени тези и вредности, нефункционални системи и лидери кои само предизборно доживуваат откровение дека во државата живеат и други луѓе освен тие самите. Додека го пишувам ова, за момент ќе се израдував дека еве сега сме во кампања па можеби и ќе добиеме она што бараме со години, како сметководители, или пак како микро компании кои редовно плаќаат даноци и придонеси на државата. Но, среќа брзо се вратив во реалноста да не се надевам напразно. Таквиот луксуз во нашата држава е резервиран само за нејзиното височество – државна администрација.

Фантомски министерства и агенции згрижуваат илјадници административци за да земаат плата од 1.000 евра, а на работа да доаѓаат еднаш неделно, а само понекогаш со вложување на дополнителен напор дури и два пати. Тие имаат право и на скратено работно време и/или боледување во услови на Ковид со 100% плата како и разни други надоместоци. И како сето ова погоре да не е доволно, сега се планира уште една бенефиција, скратено работно време во петок.

Додека во реалниот сектор секојдневно се бориме со нивната континуирана неефикасност (чест на исклучоци!), додека во услови на здравствено-економска криза не цедат до последен денар за редовни давачки, но и камати, надоместоци, такси и казни за се` и сешто, микро и малите компании имаме се освен пристојна работа. Мерки, протоколи, ограничувања на наш терет, работно време од утро до мрак, а неизвесноста и стравот од тоа што ќе биде утре е наше болно секојдневие. Зашто другата опција ни е да станеме уште една бројка на листата невработени или да заминеме од Македонија како илјадници други.

Иронијата е поголема поради фактот што приватниот сектор обезбедува плата за јавниот и токму тој треба да се негува и стимулира, меѓу другото и со ефикасна и ефективна администрација. Недозволиво е да се фаворизираат едни на штета на други, занемарувајќи го основното право за пристоен живот на секој поединец. Она што водачите треба да го разберат, е дека ликвидирани компании и тие во стечај не плаќаат даноци, затворени претпријатија не вработуваат. Но, од друга страна пак тие и потешко се контролираат за гласање на избори.

И сега, што остана да напишам? Остана ли кому да го честитам овој 7ми октомври – Светски ден на пристојна работа? Денес, не. Но, не ме напушта надежта дека еден ден Македонија навистина ќе биде држава за сите граѓани подеднакво, економски силна и правно стабилна, со лидери кои ќе ја водат кон врвот, наместо кон дното. До тогаш, Среќна Нова `49та!

 

 

ПРЕТХОДНА ВЕСТПочна да се полни контроверзниот Северен поток 2
СЛЕДНА ВЕСТОд денеска повисоки цени на горивата