Елекстрани на Северна Македонија (ЕСМ) и РЕК Битола регираат на текстот објавен на Фактор денеска со наслов “Чии се четирите машини за кои РЕК Битола без тендер ќе плати до 3,2 милиони евра?”
Во реакцијата стои дека не станува збор за 4 туку за 47 машини за кои АД ЕСМ, Подружница РЕК Битола склучила договори за услуга од користење на помошна механизација по итна постапка во вредност од над три милиони евра.
„Не се две, туку три фирми кои се избрани за најдобри понудувачи, при што споменатата во текстот е само една од трите избрани. На наддавањето беа поканети шест фирми кои и претходно работеле во РЕК Битола и учествувале и во редовната постапка за набавка на истата услуга. Секој малку искусен новинар во економските проблематики и терминологии, знае дека договорите склучени во итни постапки имаат рок на траење до склучувањето на договор со економски оператор избран во редовна постапка. Оттаму, целосно е нејасно како авторите на текстот дошле до податок дека, како што велат, наемот важи една година. На итната постапка со преговори за набавка на услуга од користење на помошна механизација за која авторот на текстот се обидува да пишува, и претходеше оглас за јавна набавка во редовна постапка кој заврши со електронска аукција. Огласот се состоеше од 12 делови, со различен број на машини во секого од нив. Отворањето на понудите беше на 30.07.2020 година и по серија жалби и одлуки на надлежни инстанци, на 11.12.2020 година беа склучени договори за три делови од повикот. Еден дел беше поништен бидејќи ниту еден од понудувачите не ги исполнуваше предвидените критериуми, а еден дел не беше објавен по итна постапка бидејќи стануваше збор за машина за која стручните лица во комбинатот не се произнесоа дека има крајна итност. За преостанатите 7 делови беше објавена итна постапка со преговарање, додека паралелно распишан е и јавен повик со истиот предмет на набавка, во редовна постапка, стои во реакцијата.
Додаваат дека „спротивно на инсинуациите во текстот“, на јавната набавка по итна постапка биле постигнати значително пониски цени од претходните, добиени во редовна постапки, бидејќи согласно законот беше спроведено наддавање.
„Што се однесува до огласот за набавка на помошна механизација за потребите на ПЕ Рудици во РЕК Битола, во комерцијалниот сектор на комбинатот во моментов се подготвуваат договорите за купување на 36 машини. По заокружување на постапката, јавноста ќе биде известена за деталите, стои во објавата.