Речиси девет милиони Американци ја примија првата доза на вакцина против коронавирус, а сојузните држави ги засилуваат напорите за забрзување на темпото на вакцинација на населението.

Според американскиот Центар за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), до понеделникот наутро биле распределени 8.987.322 дози вакцини, што е помалку од една третина од сите дози дистрибуирани од владата до сојузните држави.

Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио, кој вети дека ќе вакцинира милион жители до крајот на јануари, им изјави на новинарите дека градот може да остане без вакцини доколку сојузната влада не испрати нови количини.

Избраниот претседател Џозеф Бајден, кој стапува на должност на 20 јануари, рече дека размислува да испрати дополнителни вакцини со цел да обезбеди количини за потребната втора доза, пренесува „Гардијан“.

Втората доза на вакцината треба да се даде три до четири недели по првата.