Развојната банка го одложи рокот за присилна наплата на бескаматните кредити одобрени во ковид-кризата
Развојна банка на Северна Македонија ја одложи присилната наплата на ратите од бескаматните кредити одобрени за малите и микро претпријатија, како и занаетчии и трговци-пеодинци, чие одобрување беше дел од мерките за справување со економската криза предизвикана од пандемијата. На една од последните владини седници се разгледувала информација за продолжување на рокот на отплата и одложување на активирањето на инструментите за присилна наплата кај кредитната линија од Компензационите фондови „Ковид 2“.
Од Развојна банка велат дека веќе е одлучено од страна на Владата да се одложи присилната наплата и грејс периодот на кредитирањето кое практично започна со самата ковид-криза мината година.
„Кредитните барања од ,,Ковид 2″ во најголем дел доспеваат во месец јули 2021 година.
Во следниот период, РБСМ ќе објави јавен повик на кој ќе можат да поднесат барање кредитокорисниците на ,,Ковид 2″ кредитната линија за продолжување на грејс прериодот и периодот на отплата.
Освен продолжувањето на грејс периодот и периодот за отплата, согласно насоките на Владата, РБСМ до крајот на 2021 година нема да ги активира инструментите за наплата на кредитите по бескаматните кредитни линии ,,Ковид 1″ и ,,Ковид 2″. РБСМ редовно ги известува кредитокорисниците за доспеаниот износ кој е неопходно да го подмират согласно договорот за кредит кој го користат“, вели Кире Наумов, директорот на Развојна банка.
Годината која ја одбележа ковид-кризата успешно се одрази по билансот на банката. Паричните средства се зголемени за повеќе од 20 отсто во однос на планираното. Активата достигна 12 милијарди денари, а кредитирањето е зголемено за 13 проценти. Нето-приходите од камати и провизи се зголемени за повеќе од 10 милиони денари, а добивката за 2020 изнесува половина милион евра и е зголемена за 73 отсто во однос на една година претходно.
Наумов смета дека во следниот период добивката нема да биде приоритет, туку во преден план ќе биде остварувањето на развојните цели, солвентноста и одржувањето на стабилно ниво на ликвидност.
„Преку остварување на умерен позитивен финансиски резултат, банката ги остварува долгорочните цели за зголемување на капиталот на банката преку распределување на добивката во резервите на банката. На овој начин се зајакнува потенцијалот на банката за поддршка на реалниот сектор преку портфолиото на производи.
Во следниот период за реализација се кредитната линија ,,Ковид 4″ која што ја презентиравме со Министерството за финансии, за компаниите од дејностите туризам, угостителство, ивент индустрија, транспорт, ПЗУ и занаетчии кои не ја искористиле мерката за поддршка за плати за февруари и март од Управата за јавни приходи. Исто така, ќе се реализира и кредитната линија за поддршка на медиуми од шестиот економски пакет мерки“, резимира директорот на банката.
Инаку од кредитната линија за која беа предвидени средства од 31 милион евра, според последните информации од банката, до сега се одобрени 2.583 кредитни барања на вкупен износ од 29,3 милиони евра.
На почетокот на месецот Собранието го донесе Законот за гаранција за финансискиот договор КОВИД-19 за обезбедување на заем за финансирање на мали и средни претпријатија и средно пазарно капитализирани претпријатија во износ од 100.000.000 евра кој ќе се склучи меѓу Европската инвестициона банка и Развојната банка.