Владата на Република Северна Македонија вечерва, преку видеоконференциска интернет врска ја одржа редовната 73-та седница со повеќе точки на дневниот ред од својата програма за работа и од интерес на граѓаните.
Членовите на Владата, на иницијатива на претседателот Зоран Заев заедно со министрите на економските ресори денеска подетално го претставија Интервентниот план за инвестиции 2021-2026 година, со цел поставување постулати за брз и ефикасен излез од здравствено-економската криза. Беше заклучено дека инвестициските проекти ќе влијаат значително на растот на Бруто домашниот производ, обезбедување поголем број работни места и зголемен извоз и севкупен економски развој и напредок. Проектите ќе бидат презентирани пред граѓаните и медиумите во текот на деновите кои следат.
На предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владата донесе одлука да го повлече Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните од собраниска процедура, заради искажаната потреба од доусогласување на текстот на барање на повеќе кинолошки друштва и расни клубови.