Парламентарните избори поминаа, но „финтите“ кои ни ги сервираат останаа исти, стари, добро познати. Веќе слушната реторика, изговори кои се повторуваат, излитени фрази во кои ни сами не веруваат, експерти „на батерии“ кои ги повторуваат небулозите… Веќе видено сценарио, само по некој нов актер на сцената.
„Имаме најевтина струја / најниска акциза / во Европа па сега е време да ја покачиме“. Да, да, баш сега е време. Одличен тајминг, по обичај. На страна и фактот што и првиот дел од исказот дека плаќаме најевтина струја во Европа не е точен, без разлика колку пати ќе ни го повторат на ТВ.
Освен тоа, секако, штом ќе се зголеми цената на струјата, ќе се зголемат трошоците за бизнисите и домаќинствата, ќе се зголеми цената на чинење буквално на се и на крај ќе се зголеми секако и износот кој државата го прибира на име на ДДВ. Волкот сит, а јагнињата… Не е толку важно.
Наместо да се размисли за мерки за намалување на трошоците и за домаќинствата и за микро и малите бизниси, баш сега кога скоро едногласно сите предупредуваат на можноста за катастрофална есен на економски план и за повторување на здравствената криза во уште поголем размер, ни се сервира барање за продолжување на солидарноста.
Да, да, солидарност. Наметната солидарност. Народецот и микро и малите бизниси ќе се солидаризираат со олигархијата, монополите, вештачки создадената домашна буржоазија и со буџетот. Зошто, нели, така функционира солидарноста. Тие што немаат треба да даваат на тие што имаат, за да тие што имаат повеќе потоа се смилуваат да им помогнат на тие што немаат. Ова има совршена логика од позиција на тие што имаат.
Така малку по малку, залак по залак, енергенс по енергенс, акциза па струја, државата си ги зголемува приходите во буџетот без да посегне по џебот на оние кои имаат најмногу. Мошне умешно, ѓаволски добро испревртено до степен на перверзија.
Но од позиција на другите 99%, они кои се на другиот крај на стапот, оние кои немаат, сето ова е крајно несолидарно. Сега, кога сите се давиме, златно јаже за спасување добива олигархијата.
Но што е па нивното мислење важно? Впрочем, тоа е најмалку важно. Солидарноста која ни ја продаваат преку нивната машинерија за перење мозок е недвосмислено еднонасочна, од нас за нив, сервирана како логична и етичка обврска на секој од нас, без притоа никој од нив да придонесе за државата. Таквата солидарност е безмилосно наметната, бесрамна, бескрупулозна, лицемерна, а завиткана во пакетче обележано со етикета на искреност.
И еве на крај за да не испадне дека сме без аргументирани, повелете бројки кои покажуваат дека не плаќаме баш евтина струја. Пресметката дадена во табелата подолу е направена врз основа на цената на струјата кај нас пред поскапувањето (прва половина од 2019). Таа покажува дека сега цената на струјата ќе не „катапултира“ уште неколку места нагоре на оваа листа. Податоците за цените на KwH се од Еуростат. Податоците за просечните нето плати се земени од последните расположиви податоци кои биле на располагање (најголем број земји е просек од 2019, додека кај Македонија е земен последен расположив податок од ДЗС).
Според анализата, уште во 2019 година сме плаќале повеќе од 0,018% од нашата просечна плата за 1 KwH потрошена електрична енергија и со тоа сме имале меѓу најскапите KwH во однос на просечната плата во Европа.
Да заклучиме: Не! Не плаќаме најевтина струја во Европа или регионот. Заради неспособноста на толку владејачки структури до сега да се обезбеди нормален животен стандард и нормално ниво на економска активност, раст и развој на економијата ние плаќаме меѓу најскапите KwH за струја во релација со нашиот просечен месечен прилив во Европа!
И во услови кога не чека една екстремно тешка есен и на економски и на политички и на здравствен план, последното нешто што ни требаше е повторно да посегнете по нашите џебови! Наместо помош за микро и малите претпријатијата и домаќинствата вие ги зголемувате трошоците, ја дефокусирате јавноста од важни прашања, наместо решенија нудите дополнителни проблеми… Нејсе, вашето лицемерие безуспешно се обидувате да го криете под превезот на шупливата солидарност која ја проповедате.