Проблемите кои произлегуваат од недореченостите во уредбите за донесените економски мерки ја искомплицираа нивната примена, а сега веќе ги компромитираат и постигнатите ефекти. Надлежните како и секогаш милуваа да слушаат „експерти” по нивен вкус и предизборно да исполнуваат желби на мала група луѓе со лични интереси, наместо да ја прифатат понудата за про-боно помош од Комора на сметководители и да спасат цело едно стопанство.
Уредбата за финансиска поддршка од 14.500 денари по вработен, наместо да биде едноставна и безболна, поради својата конфузна содржина неколку недели наназад служи за медиумски линч и постизборен театар. Апсолутно се сложувам дека секој работник ја заслужува својата плата и истите треба да бидат исплатени, но, ајде да ги видиме бројките. Се работи за 344 фирми со просек по двајца вработени. Познавајќи го македонското стопанство и ваквите микро фирмички со кои секојдневно сум во контакт, овие не си исплатиле плата за себе и маж/жена/дете или сл. Верувајте ми, причината не е сигурно од желба за злоупотреба на средства или збогатување со државни пари. Според просекот погоре, со 29.000 денари тешко дека некој ќе се збогати.
Дополнително, конкретнава уредба никаде, ама баш никаде не дава можност на Управата за јавни приходи да го контролира овој дел околу исплатата на плати. УЈП има законска можност и механизам за постапување во ваков случај преку блокирање сметка во банка, но, не и право дадено во уредбата за финансиска поддршка за кривично да ги гони работодавачите по овој основ. Контролата која што согласно уредбата УЈП може да ја врши се однесува само на исполнувањето на пропишаните услови на ниво на работодавач и работник, каде што доколку се утврдат неправилности работодавачите се должни да ги вратат средствата во целост, заедно со камата. Од каде потребата за вакво заплашување и со која цел, би сакала некој од надлежните да се произнесе и да ми разјасни.
Меѓу заканите, беа и оние за кривично гонење при исплатена помала нето плата од гарантираната минимална плата од 14.500 денари. Ајде да се вратиме на уредбата. На ниту едно место не се повикува на никаква плата, ниту бруто, ниту нето, ниту минимална. Финансиска поддршка, а не плата. Толку. Дополнително, Владата преку соопштение извести, а и министерката за финансии по сите медиуми објаснуваше како во случај на виша сила како оваа, на работниците може да им се исплати 50% согласно законските прописи кои важат во државава. Со вакви различни изјави и толкувања уште еднаш сме сведоци на некоординираноста меѓу институциите, но, за жал штетата е на терет на микро и малите претпријатија, на кои како да не им е доволна самата криза, па сега уште и треба да стравуваат од казни.
Во уредбата, им беше дадена можност на работодавачите оваа финансиска поддршка да ја претворат во неповратен грант, со купување на опрема, основно средство, инвестиција во вработени итн. Како доказ за ова ќе треба да приложат фактура и извод од банка каде што е извршено плаќањето. Е сега, бидејќи во уредбата никаде не е наведено дека претходно мора да се исплатени платите, ниту пак е поврзано едно со друго, дали доколку работодавач кој земал поддршка а не исплатил плата покаже доказ за инвестиција, истиот не само што нема да одговара кривично, нема да врати пари туку и ќе му бидат претворени во грант?
И за крај, last but not least. На почетокот на носење на уредбите високи владини претставници тврдеа дека се ќе биде јавно и транспарентно, со објавување на листи кој и колку средства земал од државата. Некои од имињата намерно или не излегоа во јавност, со што се наметна прашањето дали повторно најмалите останаа да се борат за трошки, а оние големите си го поделија колачот меѓу себе. Но, набргу потоа се заштитија од објава на целосните списоци поради некаква си „даночна тајна”. Е сега, бидејќи со јавната објава на имињата на овие кои не исплатиле плати очигледно го демистифициравме фамозниов термин „даночна тајна”, дали на ист начин ќе бидат објавени и сите приматели на поддршка? М? Или „белите мечки” остануваат заштитени со „закон” и понатаму?
Неизвесноста од кризата и после цели 5 месеци се уште трае. А согласно сите предвидувања и проценки, се уште не сме го достигнале економскиот пик. Излезете од фотелјите и разладените канцеларии и поминете време на терен, со реалниот сектор. Со оние кои ви го полнат буџетот и од кои зимате плата, а не оние кои ви ги финансираат кампањите. Слушнете ги, и послушајте ги. Нив им треба помош, а не заплашувања и казни.