Политичките партии постигнаа договор за парламентарни избори среде пандемија. Штета е што не постигнаа и консензус да поддржат економски мерки за спас, кои ќе помогнат полесно да ја надминеме кризата во која се наоѓаме, бидејќи се соочуваме со период во кој нема да има можности за какви било интервенции до формирање на следната влада.
Сега тоа што е важно за економијата и за граѓаните е изборите да бидат фер и демократски за да имаме функционални институции во најкус можен рок. Погубно за економијата би било доколку сега, среде пандемија, се најдеме во ситуација како по последните парламентарни избори, каде што функционални институции добивме по дури пет месеци од одржувањето на изборите.
Во услови на здравствено-економска криза, политичките чинители не смеат да дозволат дополнително креирање политичка криза. Таков исход ќе доведе до урнисување на кревката економија, која во моментов е во рецесија. Справувањето со актуелната економска криза и обезбедување поддршка за нејзино надминување треба да биде национален приоритет. Следуваат политички кампањи во кои времето и енергијата не треба да се троши на популистички ветувања кои се неостварливи, туку да се најават одржливи решенија за актуелните проблеми со кои се соочува македонската економија.
Решението за многу проблеми за претпријатијата, но и за економијата воопшто, се крие во долгорочни системски мерки за реформи во клучните сегменти, како воспоставување на владеење на правото за креирање на систем на доверба кај граѓаните, неселективно применување на законите, како и имплементација на Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност за справување со сивата економија.
Во време на криза која кај нас сѐ уште трае, ветувањата за отпочнување стотици проекти во исто време, како убава замисла за хипнотизирање на граѓаните, се покажува како неостварлива идеја која нема да ги даде очекуваните резултати. Следува тежок период, во кој поради дефицит на буџетски средства нема да е можно да се остварат голем број од ветените проекти. Затоа, важно е планирањето на буџетот и јавните приходи да се реално остварливи, но и да се направи добро планирање на јавните расходи и да се кратат сите непродуктивни трошоци.
Потребно е да се следат квалитетните примери за економски раст низ инвестиции од регионот, можностите за градење приоритети со инвестиции во развој на еден сегмент, расположливите средства да се насочат во клучни проекти, кои по нивната реализација во текот на една година ќе станат функционални, продуктивни и самоодржливи за да може следната година фокусот да се стави на нови проекти.
Кога е во прашање поставувањето на приоритетите за економски развој, сигурно не треба да се зборува за реиндустријализација или обновување стари индустриски капацитети со државна помош. Во 21 век да ставаме копчиња за автоматизација на застарена технологија наместо да се фокусираме на новите технологии и индустрии е навистина чудно. Не треба да се враќаме кон минатото, туку да гледаме кон иднината, со следење на глобалните трендови и инвестирање во сектори од стопанството кои имаат потенцијал со квалитетна долгорочна стратегија да придонесат за побрз економски развој. Потребно е стимулирање на иновативните претприемачи во секторите кои имаат најмногу потенцијал за раст.
Треба да е јасно дека фокусот е потребно да се насочи кон малите претпријатија, кои се столб на македонската економија и вработуваат повеќе од 80 отсто од вработените во приватниот сектор. Со поддршка на претприемачите се инвестира во иднината на економијата. Во нив е потребно да се инвестира за да растат, да пораснат од претприемачи со визија во средни, поголеми претпријатија. Оние што работат вредно, чесно, со труд и не се на товар на државниот буџет го заслужуваат тоа.