„Грозд“ е производител на прочуената струмичка „мастика“ и на освежителната „Струмка“. Компанијата е во одлична кондиција затоа што за зголеми продажбата за 20 отсто, побарувањата и се двојно поголеми од обврските и работи без кредитна поддршка. За шест месеци успеа да го дуплира извозот, а на домашниот пазар портфолиото го зголеми за 20 отсто!
Струмичката компанија „Грозд“ чиј заштитен знак е уникатниот алкохолен пијалок „Мастика“ за половина година оствари приход од продажба во вредност од 2 милиони евра, покажуваат официјалните податоци достапни на СЕИ – НЕТ информативниот систем на Македонската берза. Васе Митев, сопственикот на мнозинскиот пакет акции во „Грозд“ успеа за шест месеци годинава да ја зголеми продажбата за 20 отсто во споредба со истиот период лани.
Во вкупната продажба домашниот пазар учествува со 1,66 милиони евра односно 11 отсто подобро од првото полугодие лани. Иако мал во вкупната структура на продажба за истакнување е значајниот раст на извозот на „Грозд“. Во споредба со истиот период лани зголемен е двојно и до крај на јуни изнесува 300.000 евра.
Оперативните расходи на друштвото во првото полугодие изнесуваат 1,5 милиони евра и се за 27 отсто повисоки од истиот период лани. Трошоците за суровини и материјали се најголема ставка во структурата и изнесуваат 909.000 евра. Во однос на лани се повисоки за 10 отсто.
Оперативната добивка на „Грозд“ 412.000 евра и е речиси идентична како и лани. Нето добивката изнесува 371.000 евра.
Билансот на состојба покажува дека „Грозд“ е високо ликвидна компанија, која има минимална кредитна изложеност и тоа само по краткорочна основа. Тековните обврски на друштвото изнесуваат 450.000 евра, од тоа околу 150.000 евра се обврски за краткорочни кредити, а останатото се обврски кон добавувачи и останато. Наспроти обврските, побарувањата на „Грозд“ на крај на јуни изнесуваат 810.000 евра.
Главнината и резервите изнесуваат 10,5 милиони евра, а од нив 8 милиони евра се акумулирана добивка.
Акцијата на „Грозд“ би била интересна како материјал за тргување на Македонската берза за хартии од вредност, но за жал е вистински раритет. Затоа што Васе Митев и компанијата „Адинг Градба“ заедно поседуваат 91 отсто од сите акции со право на глас. Оваа акција книговодствено вреди 34.635 денари, а последната пазарна цена на акцијата била 2.250 денари.
„Грозд“ постои 70 години, негов најпрочуен производ е алкохолниот пијалок „Мастика“, а познат е и „Струмка“ безалкохолен пијалок со арома на крушка. „Грозд“ произведува и неколку вида на вина.