Отворена е нова буџетска програма за културно наследство во опасност. Започнаа конзерваторско-реставраторските интервенции на црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, а токму денеска на веб-страницата на Министерството за култура објавен е и нов јавен повик за финансиска поддршка на уметниците и на културните работници.
Ова денеска го истакна министерката за култура Ирена Стефоска на прес-конференција во која даваше отчет за сработеното во првите сто дена од формирање на Владата.
Таа потсети на отпочнување на конзерваторско реставраторските интервенции на црквата Свети Ѓорги во Курбиново, како и дека е отворена нова буџетска програма за културно наследство во опасност.
“Го формирав националниот совет за заштита на културното наследство кој веќе следната недела ќе го разгледува елаборатот за прогласување на Скопскиот аквадуктот за културно наследство од исклучително значење. Следната година, заедно со Унеско, ќе чествуваме стогодишнината од раѓањето на академикот, лингвистот и поетот , нашиот Блаже Конески – основоположникот на современиот литературен македонски јазик. Успеавме за кратко време, на наша иницијатива , културата да стане дел од официјалната агенда на европската унија за западен Балкан. Во соработка со делегацијата на европската комисија обезбедиме средства и експертиза за реформи во министерството за култура“, додаде Стефоска.
Таа исто така истакна дека следува усвојување на Законот за остварување на јавниот интерес во културата кој е во Собрание, изготвување на нов закон за културно наследство, како и изработка на измени и дополнувања на Законот за авторско право…