Транспортната асоцијација Макам-транс бара средба со владиниот економски тим за да ги соопштат нивните гледања за новата такса.

По зголемената акциза воведена како антикризна мерка, а потоа како законска обврска, еколошката такса за нафтата и нафтените деривати која се најавува за јули е најголемиот удар за транспортерите, велат од Макам-транс. Тие објаснуваат дека пред нив е изборот – или да ги затворат фирмите или да работат само да преживеат, бидејќи со зголемените трошоци нема да можат да ги плаќаат обврските преземени при купувањето возила со повисок еколошки стандард. Дел од нив, пак, предлагаат да се излезе на улиците и да се протестира, но таква одлука засега не е донесена.

Генералната секретарка на транспортната асоцијација Макам-транс, Билјана Муратовска, вели дека веќе прават анкета како тоа ќе се одрази на работата на транспортерите. Тие, посочува Муратовска, се гневни затоа што главно владата врз нивна глава ги истура сите такси поврзани со екологијата, а не им враќа ништо дури и не пресметува какви ќе бидат нивните загуби, бидејќи нема да можат да ги зголемат цените на услугите поради големата конкуренција.

– Ние имаме силна конкуренција во меѓународниот превоз и секое посегање по зголемени цени на услугите ќе значи губење на деловните партнери и работата. Тоа ќе значи затворање на фирмите или определба по секоја цена да се преживее. Транспортерите во однос на горивото не можат да штедат бидејќи не полнат гориво 30 литри, па можат да заштедат ако помалку го возат, туку тие полнат најмалку 600 литри кои мора да ги стават, ако сакаат да работат. Со зголемената акциза и овие 4,13 денари како еколошка такса по литар е навистина голема сума, а овие возила не се возат за луксуз туку за извршување на дејноста. Годишните пресметки се навистина големи – вели Муратовска.

Транспортната асоцијација веќе испратила и писмена реакција до владата и побарала средба со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи и економските министри за да им ги соопштат нивните размислувања околу ова прашање. Тие веќе размислуваат и за протести, но одлука немаат донесено.

– Реакција имавме уште на најавата дека ваква такса ќе се воведува, а вчера по изјавата на премиерот ни стана јасно дека и овој пат нема да бидеме консултирани за носењето на таксата и побаравме средба со економскиот тим на владата. Очекуваме разбирање и добри одлуки по разгледувањето на нашите анализи – вели Муратовска.

За транспортерите е нејасно зошто се посега по еколошка такса за нафтата и дериватите која ја нема никаде во светот. Тоа според нив значи дека иако возат возила со ЕУРО 6 стандард на заштита на околината, тие повторно ќе бидат оние што ќе плаќаат најголема еколошка такса заедно со повисоката акциза.

– Во светот и европските земји нема посебна еколошка такса, но парите за екологијата се земаат преку други инструменти. Еден од нив е патарината, потоа при регистрација на возила каде што возилото кое има повисок еуростандард плаќа помалку, а она што загадува плаќа повеќе. Дури некои земји имаат инструмент за поврат на акцизата за комерцијални цели. Од соседството таков инструмент има и Србија. Така им се враќа нешто на транспортерите кои се крвотокот на економијата. Кај нас сѐ се става на товар на транспортерите, а скоро и ништо да не им се враќа – вели Муратовска.