Собранието во рамки на 25. седница денеска со 61 гласа „за“, без „против“ и без „воздржани“ ја изгласа одлуката за прогласување кризна состојба во државата до 30 јуни 2021 година. На седницата не присуствуваа пратениците од опозоцијата.

Со одлуката треба да се овозможи продолжување за уште шест месеци на едномесечната кризна состојба поради состојбата со коронавирусот што е во сила од 20. минатиот месец, со одлука на Владата, а на барање на Советот за безбедност.

Пратениците со 61 гласа „за“, без ниту еден глас против и без воздржани констатираа дека Предлог-законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2020 година, во прво читање е прифатлив и може да се проследи на натамошно читање. Опозицијата не беше присутна во салата и не гласаше за пописот.

Пописот треба да започне на 1 април следната година, а ќе го спроведува Државниот завод за статистика. Се очекува податоците да бидат готови за шест месеци. Пописот ќе биде со комбиниран метод, односно за разлика од претходните години, ќе има електронски прашалници на лаптопи и ќе има комуникација со бази од каде автоматски ќе се преземаат податоците и ќе се надополнуваат од терен.

За лицата – државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство податоците од член 10 од овој закон ги дава полнолетно лице на кого најмногу му се познати, при што го дава својот ЕМБГ и ЕМБГ на лицето за кое дава податоци во пописот. За лицата-државјани на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство ќе се овозможи и самопопишување во периодот од 1 март до 21 април 2020 година на посебна апликација која е достапна на веб страницата на Државниот завод за статистика.

Пендаровски: Во Законот за попис да се вградат стандардите на Еуростат и предлози на опозицијата

Апелирам до власта во текстот на Законот за попис да ги вгради сите највисоки статистички стандарди на Еуростат и сите конструктивни предлози на опозицијата за да добиеме валидни резултати чија кредибилност нема никој да ја оспорува, побара денеска во годишното обраќање од собраниската говорница претседателот на државата Стево Пендаровски. За жал, додаде тој, за законот кој е во собраниска процедура, подолг временски период постојат дијаметрално спротивставени ставови затоа што кај нас, наспроти сите апели за разумен пристап, за жал, пописот не се перцепира како статистичка, туку, како класична политичка операција.

Уверен сум дека високите политички тензии околу овој, за државата, стратешки важен потфат, во голема мерка би биле намалени доколку сите политички субјекти јавно ја образложат својата цел која очекуваат да биде постигната со донесување на законот: дали добивање на прецизни статистички податоци врз чија што основа ќе може да формулираме долгорочни политики и стратегии во виталните области или политизација на резултатите од пописот заради оспорување на статусот на етничките заедници, истакна Пендаровски.

Своето видување по ова прашање, како што кажа, го кажувал многу пати: не постои држава во светот која напредувала преку кратење на правата на своите граѓани или со проблематизирање на нивниот правен и политички статус.

Таква грешка ние направивме во далечните 80-ти години од минатиот век и тоа резултираше со меѓуетнички тензии кои драстично ја намалија кохезијата на општеството и неговата отпорност на кризи, рече шефот на државата во дел од годишното обраќање пред пратениците.