Колку во екот на борбата со коронавирусот и намалениот обем на работа кај многу од компаниите финансиски е издржливо да се инвестира во механизмите за заштеда на енергијата, односно во енергетска ефикасност? Тоа е уште една од дилемите пред кои се најдоа бизнисмените за предизвикот на задолжување или, пак, вложување сопствени средства заради инвестирање за зголемување на степенот на својата енергетска ефикасност во услови на крајно отежнати околности за работа? Подобрувањето на овој сегмент за познавачите на состојбите и за енергетичарите е секогаш добредојдено и корисно за компаниите, особено бидејќи на тој начин ќе се намалат трошоците. Сепак, многумина од бизнисмените укажуваат дека поради одолжувањето на кризата, како и неизвесноста што сѐ уште е присутна, ретко која компанија сега би можела да одвои средства за посериозна инвестиција, каква што, меѓу другите, е и за подобрување на енергетската ефикасност. Но има и поинакви искуства.
– Сметам дека во вакви услови на пандемија и големите проблеми и ризици што ги носи истата таа, работодавците се многу претпазливи за какви било нови инвестиции. Се разбира, оние малкуте што имаат голема финансиска стабилност можат да си дозволат и таква можност и во овој период да инвестираат. Инвестициите во енергетската ефикасност се многу добри за компаниите што се големи потрошувачи на електрична енергија и повратот на инвестицијата е доста брз, па препорачувам секој што е во можност да го направи тоа – вели Ангел Димитров, претседател на Организација на работодавци на Македонија.
Енергетските експерти не очекуваат дека овој период компаниите ќе го искористат за подобрување на енергетската ефикасност на работните простории поради ограниченоста на приходите.
– Кога нема работа што веднаш носи финансиски средства, како што е периодов кога одредени работни организации немаат ангажмани, не смеат да се групираат, имаат смален обем на работа од повеќе причини, не можат да одвојат финансии за вакви сериозни инвестиции. Но и Владата доцни со усвојување на анексите за енергетска ефикасност. Во законот беше наведено дека во рок од 6 месеци ќе се донесат анекси со кои ќе се каже колку јавни објекти мора да бидат обновени во насока на намалување на потрошувачката за енергија. Но таа уредба не е донесена, ниту пак средствата определени за подобрување на состојбите во јавните објекти или стојат или се трошат за друга намена. Компаниите би требало овој период да го искористат и да најдат начин да се свртат кон себе, да се реорганизираат и да ги искористат интелектуалниот и работниот потенцијал на вработените за да ја подобрат ефикасноста. Но ова, веројатно, е поизводливо во компании што се на некој начин инволвирани во таков тип работа, додека оние што немаат таква дејност мора да одвојат средства за инвестиции, средства за кои сега не се знае дали ги имаат – објаснува професорот Константин Димитров.
Тој дополнува дека поради недостигот од финансии малку компании можат да подобруваат изолација или други зафати од областа за кои е потребна поголема финансиска инвестиција. Посочува дека од контактите со други компании, забележливо е дека овој период најмногу од аспект на енергетската ефикасност се бараат и купуваат инвертери, но додава дека таквите инвестиции не се доволни за одржување во живот на сите индустриски гранки што се инволвирани во оваа дејност.
Сепак, има и претставници на бизнис-заедницата што истакнуваат дека пандемијата, ниту пак која било криза, не смее да биде причина за застој, туку напротив дека токму ваквите кризни моменти треба да се гледаат како можност за да се размислува за инвестиции.
– Зависно од потребите на компаниите и нивниот капитал и приходи и динамика на расходи, секако дека сега е вистинско време за инвестиции, особено во енергетска ефикасност или за која било инвестиција што ќе влијае на намалување на расходите на компаниите. Сега е убаво време да се направи ребаланс на буџетот и да се размисли за некои инвестиции. Од друга страна, тука се и банките што го помагаат инвестирањето во енергетската ефикасност, па ако во минатото менаџментот на компаниите немал време за вакви работи, мислам дека сега има време на претек за да се размисли, да се дефинираат и да се имплементираат ваквите инвестиции – вели Калин Бабушку, косопственик и менаџер за развој на брендови во една од компаниите.
Тој укажува дека најдобрите идеи и инвестиции се случуваат за време на криза, што веќе се покажало низ искуството.
– Тргнувајќи од нашето искуство, ние исфрливме на светскиот пазар два нови бренда и сме во завршна фаза на издавање уште еден бред. На проектите што подолго време ги „крчкавме“, во овој период им дадовме предност и продуктите го видоа светлото на денот некаде околу мај/јуни. Во меѓувреме работевме и на претпродажби и веднаш кога продуктите беа произведени ги испративме за САД. Во меѓувреме сме во преговори и со други земји во светот за позиционирање на овие брендови, а и паралелно го развиваме и третиот бренд, кој се надевам дека ќе излезе до крајот на годинава! Не велам дека е лесно ама со добра реорганизација на човечкиот и материјалниот капитал, мислам дека се може – посочува Бабушку.