Состојбата со ковид-19 во земјава и натаму се стабилизира. Во 19 градови во државата повеќе нема позитивни на коронавирусот. Ако пред еден месец бројот на активни беше околу 1.000 случаи, вчера тој беше 130, од кои во Скопје има уште 54, во Тетово – 15, во Кичево – 14, во Куманово – 10.

И во текот на претходното деноноќие не беше регистриран ниту еден смртен случај, а беа регистрирани 27 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 893.681 тестирања на ковид-19. Вкупниот број на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.716, бројот на оздравени пациенти е 150.100, на починати е 5.486.

Комисијата за заразни болести вчера оцени дека нема потреба за воведување на нови ограничувања, но и некакви рестриктивни мерки во однос на штитење на границите од ширење на делата сојот при влез на странски државјани во нашата државата.

Од Министерството за здравство (МЗ) посочуваат дека ја следат епидемиолошката состојба во земјава и регионот, но и дека во моментот се концентрирани на вакцинацијата. Планот е до крајот на неделава да бидат вакцинирани пола милион граѓани и најавија дека од 12 јули ќе може да се вакцинира секој без оглед дали е пријавен или не преку веб-страницата vakcinacija.mk.

– Секој кој сака да се вакцинира истото ќе може да го направи без закажан термин, а паралелно ќе се одвива и вакцинацијата на граѓаните кои се пријавиле на vakcinacija.mk, информираат од Министерството.

Оттаму соопштуваат дека од 12 јули вакцинацијата против ковид-19 ќе се одвива во постоечките вакцинални пунктови од здравствените домови и болниците во државата, а во спортските сали ќе се одвива масовна ревакцинација.

Министерот Филипче вчера на работен состанок со директорите на здравствените домови во државата и членови на Националната работна група за ковид-19 вакцинација, ги утврдуваа насоките за организација на теренска вакцинација којашто треба да започне од следната недела.

Здравствените домови, како што соопшти МЗ, до петок треба да изготват план и организација за секој ден, време и место на теренската вакцинација.

Поради стабилната епидемиолошка ситуација се бара зголемување на бројот на деца згрижени во градинките. Министерството за труд и социјална политика од Комисијата за заразни болести побарала да дозволи дополнително зголемување на бројот на деца кои ќе бидат згрижени во градинките согласно постојната епидемиолошка ситуација.

Шахпаска информира дека испратиле и допис до МЗ и во еден наврат ја зголемивме бројката наместо 15, 20 деца да бидат во групите.

– Сега испративме нов допис со оглед на епидемиолошката состојба во државата која е стабилна да може да се зголеми бројот на деца, секако со почитување на мерките за превенција од инфекција со коронавирусот, рече Шахпаска.

ПРЕТХОДНА ВЕСТМеркел: Не можевме да ја предвидиме блокадата од Бугарија
СЛЕДНА ВЕСТБројот на дипломирани студенти опаднал за 12.3 % – најмногу дипломирале економисти