Прокредит е банка која има свој терк на работа и секогаш е поразлична од конкуренцијата. И тоа го прави успешно. Јавно декларира и во пракса манифестира дека не кредитира проекти во рудници, во заштитени зони, национални паркови, ниту трговија со заштитен дивеч. Одбива да дава заеми за производители на пластика за една употреба или за бизниси со игри на среќа. И пак успеа да оствари значаен раст на пазарното учество, нето приходите од камати и добивката по оданочување

„Прокредит банка“ лани имаше исклучително успешна година. Во јавноста е веќе препознаена како банка со високо изразен пристап за заштита на животната средина преку изборот на проекти кои ќе ги кредитира. Доколку влијанието врз животната средина може да има негативни ефекти оваа банка знае да одбие кредитирање дури и ако бизнис планот е „бетон комбинација“ и гарантира успех и сигурен поврат на средства. Оваа банка освен еколошката компонента засега е единствената која јавно прокламира и не кредитира бизниси со игри на среќа.

И покрај тоа „Прокредит банка“ лани , годината на корона кризата, успеа да ја заврши со добивка од 3,35 милиони евра што е за 1 милион евра подобар резултат од 2019 година. Односно добивката по оданочување лани пораснала за 42 отсто во споредба со претходната година.
Овој резултат е остварен во услови во кои нето приходите од камати пораснале за 415.000 евра и достигнале 9,6 милиони евра на крајот на 2020 година. Раст има и кај нето приходите од провизии. Тој приход пораснал за 136.000 евра и изнесува 3,64 милиони евра. Значаен раст банката книжи и во ставката на останати приходи од дејноста кои достигнале 1,3 милиони евра и пораснале за 4,5 пати во споредба со претходната година.

Солиден раст на кредитирањето. Во 2020 година банката пласирала 47 милиони евра, а кредитното портфолиот достигнало 417,6 милиони евра. При тоа уште една специфика на „Прокредит банка“. Се намалува вложувањето во хартии од вредност. Во нив банката чува 5 милиони евра на крај на 2020 година што е за 850.000 евра помалку од претходната година. Резервациите пораснале за 1,1 милиони евра и достигнале 3,1 милиони евра на крајот на минатата година.

Голем раст и кај депозитите. Депозитната база на банката достигна ниво од 388,5 милиони евра што е за 64,5 милиони евра повеќе од 2019 година. Значајно за истакнување е и тоа што во овој период за 6,6 милиони евра се зголемени и субординирани обврски кои достигнале 16,8 милиони евра на крај на 2020 година.

ПРЕТХОДНА ВЕСТДанската национална банка изложена на напад на СоларВиндс
СЛЕДНА ВЕСТТУК ја поздрави одлуката за овозможување работа на угостителските објeкти