Нова блок трансакција вредна 5 милиони евра за 1,6 отсто од акциите на „Комерцијална банка“. Станува збор за блок со кој по цена речиси идентична со последната пазарна цена се купени акции во најголемата деловна банка. „Фактор“ дознава дека купувач на акциите е Фатмир Етеми, претседателот на Надзорниот одбор на „Комерцијална банка“, а продавач на акциите е „Супертрејд“ компанијата за трговија на големо со моторни горива.

„Комерцијална банка“ е акцијата која се бара на Македонската берза за хартии од вредност. Вчера во блок трансакција беа истргувани 35.637 акции по цена од 8.675 денари за акција. Прометот е 5 милиони евра, а цената на акцијата е речиси идентична како и пазарната цена (т.е. во класично тргување) која изнесуваше 8.750 денари за една акција.

Засега официјално не е познато кој вложи 5 милиони евра во акции на најголемата деловна банка во земјава. „Фактор“ дознава дека купувач на акциите е актуелниот претседател на Надзорниот одбор Фатмир Етеми, сопственик на градежната компанија ЗСФ ком, а продавач е „Супертрејд“ компанија за трговија на големо со нафтени деривати.

Како и да е, ова е уште еден доказ дека и на овие пазарни цени акцијата на таа банка е поатрактивна и носи поголем принос од каматите што ги дава на депозити.

Од друга страна тоа што Етеми кој стои зад успешната градежна компанија ЗСФ КОМ купува акции во банката е уште еден сигнал за инвеститорската јавност, но и потврда плус за самата компанија која на ваков начин го доградува рејтингот. Пред пандемијата или во 2019 година ЗСФ имаше приходи од 7,6 милиони евра и профит од 2,6 милиони евра. Во годините претходно, цело време, компанијата беше и остана една од лидерите на градежниот пазар, а тој еден од клучните играчи на пазарот. Етеми порано беше и пратеник, но сега е насочен кон бизнисот, а судејќи по овие потези тоа многу добро го прави.

ПРЕТХОДНА ВЕСТСекој трет тендер се поништува, покажува најновиот Извештај за јавни набавки на фирмите
СЛЕДНА ВЕСТПензиите ќе легнуваат од денес