Секојдневно сме преплавени со безброј мудрости од апологетите во нашето политичко опкружување и доколку ги гледаме само зборовите, а не и делата, звучат скоро совршено. Пожртвуваноста и посветеноста во кроењето на економијата во Македонија години наназад е сведена на празни демагогии кои треба да направат да го видиме најдлабокиот океан во вирче во кое нема вода ни до глуждови. Ја матат водата за да изгледа длабока, како што рекол Ниче.
После цела година во здравствено – економска криза, се чини како да не научивме ништо. Продолжуваат калкулациите и надмудрувањата за ефтини дневно политички поени, на сметка на обичните смртници. Згаснати животи, илјадници затворени компании, илјадници изгубени работни места, безброј луѓе на раб на егзистенција, се црниот биланс кој веќе како да престана и да не загрижува. Апатија насекаде, додека оние кои со своите „високи достигнувања“ шетајќи од една во друга НВО и/или државна институција во континуитет носат погубни одлуки за реалниот сектор. А самите тие речиси и да не поминале ден во истиот.
Микро и мали претпријатија се 99% од вкупно регистрираните и тие вработуваат околу 80% од сите вработени во приватниот сектор. Со непреченото функционирање на овие компании не се помагаат „газди“, се помагаат вработени и секако, се полни буџетот. Но, она што го гледаме во континуитет е дестимулација на секој кој сака самостојно да обезбедува егзистенција и да придонесува во државата преку разни законски ограничувања и зголемени давачки и даноци. Полека но сигурно се уништува приватниот сектор, кој потоа има 3 опции: да „живее“ од социјална помош, да се вработи за минималец кај 1% од олигархијата или да чека вработување на државно како најисплатливо решение, кога веќе иселувањето не е опција.
Но, наместо вистинско ангажирање на оние кои се избрани за да размислуваат и делуваат во вакви ситуации, продолжува дестимулацијата преку малоумни политички изјави, изживување со оние кои очајно очекуваат помош од државата преку антикризните мерки кои доцнат со месеци, безобразни јавни набавки, исплати на функционери, стимулирање на олигарси… Продолжете ја низата слободно.
Познавајќи како функционира економијата, се обидувам да ја разберам целта. Но, не успевам. Одржувањето и закрепнувањето на економскиот систем е долгорочен процес, кој како во добра партија шах треба да се испланира неколку чекори однапред. Но, шахот во кој се наоѓаме ние очигледно се игра по инверзни правила во кои ни Каспаров не би се снашол. Наместо да целиме кон матирање на противникот, ние самите се матираме. И додека ние сме пешадијата која гине, кралот сеуште стои.
Но, како непоправлив оптимист и натаму одбирам да верувам дека на нас е дали ќе ги прифатиме правилата на игра, или цврсто и храбро ќе застанеме во одбрана на разумот и логиката не дозволувајќи да ни помине животот, без живот во него. Се надевам дека модерното ропство кое го живееме во иднина ќе остане како лош пример во учебниците по економија. И пред да си речеш дека е безнадежно, сети се дека некои работи изгледаат невозможни, се додека не се направат.
Автор: Александра Андреева