Една од почестите појави во Македонија за која сметам дека не се зборува доволно гласно е брзото носење на законски решeнија и нивните чести измени, или како што би рекле правниците – хиперинфлација во законодавството. И така додека одредени закони со години се заглавени во собраниска процедура, други поминуваат додека да трепнеш, што покажува дека законодавниот дом совршено функционира, ама само по потреба. За жал, таа потреба најчесто се сведува на ситен политички маркетинг или задоволување на лични интереси на поединци. Суштествени и издржани решенија кои носат општо добро најчесто се оставени на чекање, но не и придобивките за одредена група на луѓе кои ја имаат одлучувачката моќ во државата.
Прашањето кое се наметнува е дали брзите и чести измени на законите се навистина потребни или се носат за прикривање на коренот на проблемите? Не само што преголемата регулација често предизвикува контра ефект, односно ги наведува луѓето наместо да ги почитуваат законите да бараат начин за нивно избегнување, туку останува и она дека закони имаме, но тие што треба не ги спроведуваат.
Примери за погоре кажаното има многу, ќе наведам само неколку. Иако повеќе од седум години е донесен Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, во Македонија сивата економија е во полн ек, со нагорен тренд во кризата. Се донесе и Акциски план и стратегија, за во случај Закон да не е доволен, но во отсуство на вистинска акција на надлежните, продолжува работата на црно, на очиглед на сите, меѓу кои и оние кои треба да ја санкционираат. Праксата покажува и дека некои од поранешните функционери во зависност од своите приватни бизниси биле иницијатори на закони кои директно ја стимулираат оваа штетна појава. Јавноста го памети зголемување на прагот за онлајн нарачки без царина во време кога министерка за финансии беше личност која дојде токму од онлајн бизнисот. Користејќи ја својата функција министерката директно создала услови за да може подобро да работи и компанијата во која таа всушност и се врати по завршување на функцијата, на штета на малите трговци. Исправете ме ако грешам, но тоа нели се вика судир на интереси?
Сите ние низ годините сме сведоци на енормно загадување преку диви депонии, горење на штетен мазут за профит на поединци, големи фабрики загадувачи, но инспекциите никако да го видат проблемот и соодветно да го санкционираат. За волја на вистината во Македонија постојат повеќе закони во кои се регулира заштитата на животната средина – Закон за животна средина, Закон за квалитетот на амбиентниот воздух, како и Закон за прекршоци, кој ги уредува глобите од областа на животната средина соодветно на причинетата штета. Но наместо глоба ќе пропишат смешна казна, зашто кај нас важи правилото „секое чудо за 3 дена“ и се тоа брзо ќе падне во заборав на воодушевување на оние кои се збогатиле од матните зделки. Но, бидејќи од клучна важност ни е да се покажеме како еколошки освестени, иако не сме, пред неколку месеци донесовме закон со кој се` што ќе се постигне е само затворање на 30-тина компании производители на кеси. Наместо вистинско казнување на загадувачите, воведување систем за селектирање на отпад, подигнување на јавна свест, рециклирање, ние ќе продолжиме да гориме канцероген отпад, да увезуваме полиетиленски вреќи, да плаќаме надомест кој никој не знае за што ќе се користи и најважната „придобивка“ – во ек на здравствена, економска и енергетска криза да оставиме 600 вработени на улица.
Last but not least, законот кој веќе подолго време ја бранува јавноста, а тоа се измените за недела – неработен ден. Иако навидум претставено како решение за унапредување на правата на работниците, во пракса е всушност популистичка мерка која не решава ништо. Да не се разбереме погрешно, апсолутно се сложувам дека секој заслужува слободно време и правично вреднување на трудот, но, ајде да се вратиме чекор наназад. Во Македонија и досега во Закон за работни односи и Општ колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството години наназад е уредено дека полното работно време изнесува 40 часа седмично, дека работниците имаат право на ден за неделен одмор, како и надоместок за работа за време на викенд. Но, она што отсуствува на терен е постапувањето на институциите онаму каде што овие права се прекршени. И сега, што всушност уредивме со новите измени?
Нефункционалноста и некоординираноста на институциите на терен и корумпираните системи со години наназад придонесуваат законите да останат само мртви букви на хартија или да спроведуваат селективна правда, додека на другата страна се трупаат закон врз закон за иста материја. Притоа воопшто не се води грижа дали истите се применливи кај нас или само лоша copy-paste верзија под превезот на потребите за ЕУ. Оттука, во духот на традицијата предлагам да продолжиме со истата пракса и да донесеме уште еден нов закон – Закон за спроведување на закони! Тогаш можеби конечно ќе ми исчезне чувството дека колку повеќе итаме напред, толку поназад остануваме.
Автор: Александра Андреева