Ова денеска го истакна министерот за здравство Венко Филипче во врска со барањето на хронично болните за промена на правилникот за боледување. Тој рече дека кога еднаш се дава некаква дијагноза на хронична болест тоа значи дека со соодветна терапија или со некаква метода веќе човекот е целосно вратен во своите нормални животни активности, може да ги извршува секојдневните работни и животни активности, меѓутоа таа дијагноза останува.
Таа група пациенти мора да се оддели од групата пациенти кои навистина имаат проблем, а се носители на истата шифра за хронична дијагноза. Тоа е целта да се разграничат овие две групи и да се избегне злоупотреба, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на Клиничката болница во Штип.
Потенцира дека телефонски комуницираат со хронично болните. – Тоа што немало средба со физичко присуство е да биде заштитено здравјето на пациентите носители на некаква хронична болест, додаде Филипче.
Во врска со стручните надзори за пациенти кои починале од COVID-19, рече дека седум стручни надзори се прават во Лекарската комора од кои готови се два, меѓу кои и тој за 41-годишната беровчанка Руменка Довичинска, која во средината на ноември почина на штипското инфективно одделение.
Другите извештаи ќе бидат во периодот кој следи. Тоа се истите колеги интернисти, гинеколози кои се вкучени во работата со ковид-пациенти и се оптоварени и навистина разбирам зошто има малку повеќе време за да ги направат овие извештаи, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање.