Лидерите на ЕУ заклучија синоќа на состанокот посветен на пандемијата на ковид-19 дека внатрешните и надворешните граници на ЕУ мора да останат отворени, но со примена на строги мерки на рестрикција на несуштинските патувања.
„Убедени сме дека мораме да ги отвориме границите, но истовремено разгледуваме и рестрикции на неесенцијалните патувања“, порача претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
И претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, по состанокот на лидерите, порача дека е неопходно да се одржи функционалноста на единствениот европски пазар преку непречен проток на стока и работници.
Лидерите на ЕУ ја истакнаа сериозноста на моменталната епидемиолошка ситуација во Европа, имајќи ја предвид појавата на новите соеви на коронавирусот, и повикаа на обележување „темно црвени зони“ на епидемиолошката мапа на Европа кои би ги означиле местата со засилена циркулација на вирусот.
Заклучено е и дека на надворешните граници на ЕУ ќе се воведат дополнителни мерки со цел сопирање на ширењето на вирусот со кои и од патниците од трети земји, на кои досега им беше потребна само потврда за престој во ЕУ, од сега ќе се бара и тестирање пред патувањето.