Ова, како и договори за One Stop Go меѓу сите регионални партнери и соседните земји на ЕУ, за сите железнички гранични премини до четвртиот квартал на 2023 година е дел од Декларацијата што во рамки на железничкиот самит утре во Белград од македонска страна ќе ја потпише министерот Бочварски. ЕБОР, како еден од организаторите на самитот најави амбициозни планови во регионот за подобрување на квалитетот и брзината на услугите низ железничката мрежа преку проширување на Трансевропската транспортна мрежа во согласност со стандардите на ЕУ

До крајот на 2025 година повторно да се воспостават директни експресни железнички врски помеѓу главните градови на Западен Балкан и Европска Унија е дел од содржината на декларацијата „Посветеност кон железниците“ што ќе се потпише на Железничкиот самит за Западен Балкан, утре, во Белград. Со ова би се возобновиле железничките врски со меѓународни експресни возови, кои веќе неколку години наназад постепено се укинуваа во регионот.

Декларацијата, која со овластување од Владата од македонска страна ќе ја потпише министерот за транспорт и врски Благој Бочварски се повикува на подобра поврзаност на деловните субјекти и луѓето, дигитализација на железничките системи за меѓусебно поврзување и овозможување размена на податоци за прекуграничен превоз на патници и товарен транспорт.

Освен ова, предвидено е во рамки на самитот сите регионални партнери и соседните земји на ЕУ да склучат договори за воспоставување One Stop Go на сите железнички гранични премини до четвртиот квартал на 2023 година. Со тоа треба да се олеснат процедурите за граничен премин на патници и товар.

Во пресрет на утрешниот Железнички самит на Западен Балкан 2021 година, Европската банка за обнова и развој која е еден од неговите организатори заедно со Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница и Европската инвестициска банка, најави амбициозни планови во регионот за подобрување на квалитетот и брзината на услугите низ железничката мрежа преку проширување на Трансевропската транспортна мрежа во согласност со стандардите на Европската Унија.

Дополнително, ќе се зајакнува капацитетот за подготовка и имплементација на проекти и ќе се работи на подобрување на управувањето, како и безбедноста и одржувањето.

-Железниците на Западен Балкан се на добар пат да се приспособат на железничката мрежа на ЕУ и паневропските коридори, а приоритет за регионот останува отворањето на пазарот, управувањето и интероперабилноста, изјави потпретседателот а ЕБОР Јурген Ригтеринк.

Во интервју за „Еурактив“ и агенцијата Бета тој рече дека ЕБОР ќе продолжи да работи со државните железници, приватните инвеститори и клиентите и владите во регионот за да се остварат тие приоритети.

За плановите на ЕБОР за железницата во Србија и регионот, посочи дека еден од најважните проекти што ќе го поддржат е реконструкцијата на делницата Белград-Ниш.

-Во тесна соработка со ЕИБ и ЕУ, преку Инвестицискиот фонд за Западен Балкан, работиме на обнова и надградба на оваа клучна железничка делница на Пан-европскиот коридор 10 со цел зголемување на брзината на возовите до 200 километри на час, со подобрување на квалитетот на патничките и товарните железнички услуги, рече Ригтеринк и додаде дека Коридорот 10 ќе ги поврзе западна Австрија и северна Грција, значително зајакнувајќи ја европската интеграција по целата рута.
На самитот ќе учествуваат министри за сообраќај од регионот и од земјите членки на ЕУ што се граничат со Западен Балкан, претставници на Европската комисија и професионалци од железничкиот сектор. Целта на собирот е унапредување на регионалната и европската сообраќајна политика, како и придонес за побезбеден, подобро поврзан и одржлив железнички транспорт.

Одржувањето на Самитот се совпаѓа со пристигнувањето на возот Connecting Europe Express во регионот, со чие петнеделно патување по континентот се одбележува Европската година на железниците. Министерството за транспорт и врски информира дека овој воз на железничката станица во Скопје ќе пристигнеутре во 22 часот. Со него се претставува железницата како еден од најодржливите, најбезбедните и иновативните начини на транспорт.

ПРЕТХОДНА ВЕСТЌЕ РАСТАТ ЦЕНИТЕ НА МАСЛОТО И ЛЕБОТ: Дали граѓаните имаат „кондиција“ за нови поскапувања?
СЛЕДНА ВЕСТРКЕ одзеде лиценци за вршење дејност на три компании за трговија со нафта и нафтени деривати