Кризата предизвикана од короната се заканува на опстанок на 15% од германските компании, покажуваат резултатите од најновото истражување на бизнисот, спроведено од институтот ИФО во ноември.
„Тоа е подобрување во споредба со јуни, кога таа бројка беше 21 процент“, вели Клаус Волрабе, раководител на истражувањата на ИФО, според изјавата на институтот доставена до Танјуг.
Тој, сепак, додава дека 86% од туристичките агенции и тур-оператори во моментов се чувствуваат загрозено, како и 76% од хотелите и 62% од рестораните.
Во рекламната индустрија, 27 проценти од агенциите сметаат дека нивниот бизнис е загрозен, додека во бродската индустрија, таа бројка е нешто помалку од 14 проценти.
На дното на оваа скала се давателите на ИТ услуги со 5,0 проценти и правните и даночните консултанти со 3,0 проценти. Во просек, опстанокот на 19 проценти од давателите на услуги е загрозен, за разлика од 27 проценти во јуни.
Во трговскиот сектор, 14 проценти од фирмите веруваат дека нивниот опстанок е во опасност (18% во јуни), при што ваквиот став сега изнесува 18% од нив во малопродажба и 10% во трговијата на големо.
Во преработувачката индустрија, таа бројка е 11 проценти, наспроти 17 проценти во јуни.
Според резултатите од истражувањето, најзагрозени се моментално производителите на основни метали со 34 проценти, печатниците со 29 проценти, производители на пијалоци со 22 проценти, текстилна индустрија со 20 проценти и индустријата за облека со 18 проценти.
Хемиската и фармацевтската индустрија се сметаат себеси за најмалку ранливи, а нивните индикатори се еден, односно нула проценти.
Во градежништвото, бројката е 4,0 проценти, и иако е двојно поголема од јуни, сепак е мала, се вели во соопштението на Институтот ИФО.