Бајрам Реџепи, директорот на Национални енергетски ресурси, вели дека 33-те милиони евра ќе му бидат исплатени на „Макпетрол“ за купување на половичниот дел од АД ГА-МА кога Владата ќе донесе одлука за тоа.

Во моментов парите ги чува НЕР на посебна сметка уште од 2019, а Реџепи вели дека за трансакцијата да биде одобрена, договорот треба да го потпише и Европската енергетска заедница на Европската комисија.

По изгласувањето на законот за решавањето на спорот на крајот од минатата година, се создадоа услови државата да стане единствен сопственик над АД ГА-МА, која го оджува системот за пренос на рускиот гас кој единствено доаѓа од Деве Баир па до скопскиот регион. АД НЕР го гради националниот гасовод и предвидено е овие две претпријатија да се спојат во едно кога ќе биде откупено приватното сопствеништво на АД ГА-МА.

Договорот помеѓу Владата и Макпетрол е трипартиден. Потпис треба да стави и Енергетската заедница, која беше медијатор за надминување на спорот и гарантор на договорот. Кога ќе се потпише, Владата треба да донесе одлука за исплата. Тоа може да се случи и во текот на овој месец, вели Реџепи.

Директорот на НЕР вели дека Владата со одлуката ќе го задолќи претпријатието директно да му ги префрли парите на „Макпетрол“ или пак тие да се вратат во буџетот, па од таму да и се исплатат на компанијата.

Понатаму предвидено е НЕР да ја превземе АД ГА-МА, или пак како втора опција се остава простор да се формира трето претпријатие составено од овие две. Реџепи вели дека од УСАИД е одобрен грант за техничка помош за како да се изведе овој процес.

Следниот чекор е акциите од новиот оператор кој ќе се формира да прејдат во сопственост на Министерството за економија, а понатаму ќе се бара лиценца за работа од Регулаторната комисија за енергетика, најавува Реџепи.

Тој вели дека во последната фаза ќе следува сертификација од Европската енергетска заедница пред да започне со работа единствениот национален преносител на природен гас кој ќе биде во целосна државна сопственост.

ПРЕТХОДНА ВЕСТВо Словенија минималецот скокна над 1.000 евра
СЛЕДНА ВЕСТЗдружение на оштетени штедачи на Еуростандард: Зошто „Глобал“ е побитен од 3.000 ограбени семејства