Како се наближуваме кон крајот на оваа 2020 година, која по многу нешта се разликуваше од сите претходни, така во мене се повеќе се разгоруваат размислувања за состојбата во која што се наоѓа државата. Често го користиме зборот „апсурд“ кога сакаме да кажеме дека нештото е бесмислено или нелогично. Но, ако го видиме латинското потекло на зборот и неговото буквално значење, доаѓаме до следново: surdus – глув → ab surdus – потполно глув. И она што деновиве ме исполнува наместо претпразнична еуфорија е мислата дека живееме во држава апсурдистан – земја во која никој никого не слуша. Или народски кажано, сит на гладен не верува.
На моменти се прашувам дали живееме во некои паралелни светови, кои никаде не се преклопуваат освен во географската местоположба, па имаме толку дијаметрално спротивни животи. Од една страна, ги имаме оние кои треба да ни се пример, водачите на државата, како и моќниците, олигархијата, кои очигледно одамна заборавиле како е да се живее во светот на обичните смртници, па секојдневно сме сведоци на разни „изненадувања“. Додека со галоп ја продлабочуваме рецесијата, ние зголемивме акцизи, трошиме милиони за кафе, апетисани, бифтеци и лубриканти, набавуваме новогодишни украси од илјадници евра, зголемуваме буџет за плати на уставни судии и згора на се менуваме историја и раздаваме гратис се што е наше, македонско.
А од другата страна очај и страв насекаде, неизвесност како и дали ќе се преживее оваа криза, колку од фирмите ќе продолжат да постојат, а колку ќе мораат да стават клуч на врата оставајќи се себеси и вработените без извор на егзистенција, зашто нели не сите ја имаат привилегијата 10 години да не одат на работа, а да земаат плата. И додека во тој другиот свет плаќаме патни трошоци како ракета да им е основно превозно средство, во овој се лечиме со смс пораки, со хуманитарни пакети ги прехрануваме гладните и еден обичен човeк е доволно голем да ги опреми децата со компјутери за да може да си го остварат основното право на образование, зашто државата не го прави тоа.
Години наназад слушам дека овој, или оној е крив, дека само уште ова или она остана да средиме и готово, како во приказните се магично ќе се среди. Ќе блескаме. И да, навистина блескаме, но изгледа треба да појасниме во што!? Ако зборуваме за корупција, руинирано образование, здравство и економија, загаден воздух, сиромаштија, да, и тоа како блескаме. Но, како млада личност која се одлучила да го гради својот живот и иднина во татковината, во Македонија, копнеам да заблескаме и по нешто друго.
Скоро слушнав нешто, што ме предизвика да размислувам подлабоко. Ако имаш план Б, значи дека очекуваш план А да не успее. Навикнати сме да слушаме дека секогаш треба да имаме втора опција, за секој случај, но она што промашуваме да го увидиме е дека мислејќи на резервната опција, ја занемаруваме основната. За жал во ова апатично општество речиси сите гледаат кон втората опција, но во една поинаква, перфидна смисла.
Планот А наречен ЖИВОТ со целата негова комплексност кај нас одамна не функционира, но наместо да направиме нешто, ние се фокусираме на мислата дека планот Б постои, но е полош од првиот. Со други зборови кажано, од „ќути, има и бетер“ си патиме. Не ни се допаѓа местото на кое што сме, но целосно безнадежно продолжуваме со стари навики да очекуваме нови резултати. Речиси и да немаме амбиции, сонуваме само да го преживееме првиот, па вториот, па третиот бран, не забележувајќи дека во меѓувреме не потопи цунами. Разочарани од она што го гледаме дека се случува кај одредена привилигирана група се плашиме да пробаме нови работи, да искусиме нешто поинакво, да дадеме шанса на нови личности. Се плашиме дека ќе паднеме уште повеќе, не гледајќи дека може и да полетаме!
Ако се будиш секое утро незадоволен со она што го гледаш во огледало – промени го! Ако секој ден одиш на работа која го убива духот во тебе – промени ја! Ако не ти се допаѓа власта и опшеството, преземи акција и промени ги! Не се помирувај со она што го имаш, со она што ти се сервира од околината ако не ти се допаѓа. Но, почни од себе. Помести се, помести се од апатијата, од безидејноста, од безнадежноста, помести се од лажната коректност, само помести се – не си дрво! Зашто човек со надеж чуда прави, а човек без надеж и чуда губи.
За крај, додека изминува и последниот месец од оваа чудна година, верувам дека повеќе од било кога сме доведени во ситуација од која нема назад. Куќата е веќе доволно срушена и време е да се изгради одново. Да си посакаме во новата година да изградиме живот во кој ќе функционира животот! Зашто како што би рекол нашиот великан, писателот Горан Стефановски кој со своите текстови бил пред времето: „Лесно е да си слободен како птица, биди слободен како човек.“

ПРЕТХОДНА ВЕСТВидеоконференциски состанок на НБ со дипломатскиот кор: Растот следната година очекуваме да биде поддржан од сите извори
СЛЕДНА ВЕСТVladimir Gramatikov: The development of air traffic and tourism from Central and Eastern Europe is of key importance to us