Пандемијата со Ковид-19 драматично го промени животот во нашата земја и ги стави на тест целиот институционален систем како и однесувањето на сите кои во овој период имаа одговорност да се справат со оваа исклучително вонредна состојба и личниот пристап и однесувањето на граѓаните, бидејќи и тие се соочија со пандемија со животозагрозувачки закани и со секојдневна неизвесност за нивното здравје, за здравјето на нивните најблиски и за здравјето на општеството, истакна премиерот Зоран Заев во обраќањето на виртуелната симулација на тема „Подготовка за идна криза: Развивање поефективен систем за управување со кризи“.

– Уште повеќе што не само за нас, туку и за светот најшироко, ова беше ситуација без преседан. Ситуација за која не можевме да се повикаме ниту на некои наши претходни искуства, ниту на искуства на било која друга земја. Оваа ситуација не соочи сите нас со многу прашања и грижи. Наметна сериозни предизвици за здравјето на граѓаните, за јавното здравје, како и за економијата, а допре и некои аспекти на општата безбедносна состојба, особено во средините каде што беше неопходно да се прогласи кризна состојба, потенцира Заев.

Тој нагласи дека дополнителен предизвик за нашата земја и за институциите беше што пандемијата ја зафати Северна Македонија во време кога Собранието беше распуштено поради распишаните предвремени парламентарни избори, а извршната власт ја вршеше техничка влада, со мандат да ги организира и спроведе изборите, практично го пренасочи својот мандат во мерки и политики за справување со пандемијата, а со воведувањето на вонредната состојба ја доби и законодавната власт.

– Со тоа првпат во историјата на нашата земја имавме неколку преседани од кои најзначајно беше воведувањето на вонредна состојба на територијата на целата земја и овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила што практично беше единствената алтернатива заради уставната неможност Собранието повторно да заседава, истакна Заев.

Тој се осврна на мерките за мобилизација што беа направени во Министерството за здравство и за спречување на ширењето на вирусот, како и на формирањето на Координативно тело за прибирање и размена на информации за спроведување на мерките за спречување на појава, рано откривање, спречување на ширење и сузбивање на Ковид-19.

– Нивниот посветен ангажман и правовремените реакции и соодветни постапки потврдија дека институциите на системот најсовесно, стручно и професионално ги извршуваат своите обврски и дека целиот систем е ставен во функција да одговори соодветно на предизвикот. Ова тело, според препораките на Институтот за јавно здравје и Комисијата за заразни болести ги подготви првите протоколи и препораки, потенцира Заев, додавајќи дека во оваа фаза најважно беше максимално да се успори ширењето на вирусот.

Тој потести дека на 14 март 2020 година Владата го формираше Главен координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација на органите на државната управа, на правните лица основани од државата, како и на единиците на локалната самоуправа, со првенствена задачата да изготвува заклучоци, мерки и препораки за спречување, внесување и ширење на коронавирусот.

– Посебно внимание посветивме на заштитата на медицинските работници и за обезбедувањето услови за максимална заштита во нивната секојдневна работа во спречувањето на пандемијата. На 21 март 2020 на иницијатива на претседателот на техничката Влада Оливер Спасовски, беше одржан првиот состанок на економскиот совет. Ад-хок тело од кое произлегуваа насоки и препораки за справување со последиците по економијата, стопанството и финансискиот сектор од коронавирусот, истакна Заев.

ПРЕТХОДНА ВЕСТКоронавирусот зеде 5.369 жртви од Македонија, се заразиле вкупно 155.169 лица
СЛЕДНА ВЕСТПадна одлука: без заштитни маски на отворено од 1-ви јуни