Издавањето викендици на групи луѓе е кривично дело за директно загрозување на животот и здравјето на граѓаните, порача министерот Оливер Спасовски и апелираше на одговорност и кај граѓаните и кај сопствениците на викендици за издавање.

„Нема никаква забрана за издавање викендици на семејства и едно семејство да може да биде во некоја викенд куќа каде било на територијата на нашата земја, но секако дека е кривично дело издавање викендица на групи на луѓе. Не е идејата да донесеме одлука дека рестораните, хотелите не можат да работат после 18 часот, а од друга страна да отвораме нови такви објекти, да ги имаме во околината на Скопје, во Сопиште, Маврово, Охрид“ , рече министерот Спасовски.

Тој вели дека министерството веќе има изготвено оперативна акција за откривање на овие кривични дела, но оти полицијата уште сега реагира превентивно до издавачите на викендички за да знаат што може да ги очекува ако изнајмуваат на групи луѓе. Контроли, пак, ќе почнат да се спроведуваат во текот на наредната недела и на новогодишната ноќ.