Бројот на новозаразени случаи секојдневно се намалува, па од утре следи олабавување на рестриктивните анти-ковид мерки. Здравствените власти одлучија да не се носат повеќе маските на отворено. Согласно податоците од министерството за здравство, од почетокот на епидемијата, лани во февруари-март се направени вкупно 794.832 тестирања на Ковид-19.
-Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.269, бројката на оздравени пациенти е 148.664, на починати е 5.408, а бројот на активни случаи изнесува 1.197, стои во соопштението на Министерството за здравство.
Олабавувањето на рестиктивите мерки од 1.јуни се однесуваат на: заштитните маски да не бидат задолжителни на отворено и да престане да важи забраната за групирање на отворено. При групирање на повеќе лица останува препораката да се носат заштитни маски. Од 1 јуни ќе се дозоволи организација на свадби и прослави на отворено со музика, со максимум 50 отсто исполнетост на капацитетот во отворениот дел, но не повеќе од 100 гости. Максимум дозволен број на гости на една маса да биде 6. Спортските натпревари натпревари на отворено ќе се играат со публика со 30 отсто исполнетост. По 15 јуни според договорените протоколи ќе бидат дозволена и организација на ваков тип настани.
За жал, се уште загрижува бројот на починати, а според професорот Никола Пановски, еден од врвните микробиолози во земјава, најверојатно во наредниот период и бројот на починати поради компликации од корона вирусот нема повеќе да се качува нагоре, одноно дека нема веќе да регистрираме двоцифрени бројки. Во однос на високата смртност во сиот изминат период од епидемијата во Македонија, како што истакна неделава во гостувањето на ТВ 24, многу поинаку ќе беше ако матичните лекари добиеја официјален допис со востановени протоколи за лекување.
-Зошто не се направија протоколи и не се испратија до сите матични лекари? Требаше државата, кога виде дека премногу „креативно“ се лекува и лекува кој како ќе стигне и не се почитуваа светските протоколи, да им испрати писмен допис уште лани ова време во кој ќе им беше кажано во тие рамки да се движат. Во однос на антибиотиците, јас неколку пати сум повторил дека тоа е голем срам што го доживеа државата. Давање на токсични дози на лекови, забранети, и никаква реакција, освен јас и пние кои ме поддржаа, односно професорот Беќаровски и професорот Даниловски, навистина беше недозволиво. Да не зборувам дека се даваа и по два лека и за вирусни болести, па дури и на здрави луѓе, истакна професорот Пановски.
Инаку, според проценките на здравствените власти, можно е во Македонија да се достигне посакуваниот колективен имунитет некаде во септември, пред се поради непречениот процес на вакцинација, како и зголемениот интерес кај граѓаните за имунизацијата. Од саботата е отворен и сајтот https://vakcinacija.mk/revaccination и тој ќе биде во функција до 6 јуни, а ќе може да се пријавта граѓаните над 60 години кои треба да ја примат втората доза од АстраЗенека, а кои во март беа вакцинирани во соседна Србија.
-Министерството за здравство ја информира јавноста дека од денеска заклучно со 6 јуни 2021 година во функција е веб страницата https://vakcinacija.mk/revaccination која е за регистрација само на оние граѓани кои се вакцинирале во странство и сакаат да се ревакцинираат во земјава. Преку регистрацијата на граѓаните ќе може да добиеме детален увид за колкава бројка станува збор, со кои вакцини се вакцинирани и кога треба да се ревакцинираат. Страната за регистрација за ревакцинација ќе биде отворена една недела, по што ќе биде затворена регистрацијата. На овој начин ќе ги прецизираме количните и типот на вакцини кои ќе ни бидат потребни. Најголем предизвик за ревакцинација на овие граѓани е фактот што дозите не можвме досега да ги планираме и не знаеме со што ќе располагаме во моментот кога тие треба да се ревакцинираат. Со вакцината на Астра Зенека во земјава ќе се ревакцинираат единствено граѓаните над 60 години. За сите останати граѓани после регистрација на сајтот Министерството за здравство ќе направи обид да се обезбедат доволни количини вакцини по што ќе информираме прецизно во јавноста. Согласно информациите со кои располагаме, најголем дел од граѓаните вакцинирани во странство, пред се Србија треба да бидат ревакцинирани околу 19 јуни, се наведува во соопштението на Министерството за здравство.